Разрешена мистеријата: Чевлите од “Волшебникот од Оз” ги украл стар крадец кој сакал „последна возбуда“

Крадецот ги фрлил култните чевли што ги носела Џуди Гарланд во филмот откако дознал дека „рубините“ се стаклени.

Тери Џон Мартин во 2005 година, украде еден од најпрепознатливите сувенир во Холивуд: парот црвени „со рубини“ чевли што ги носеше Џуди Гарланд во „Волшебникот од Оз“ од 1939 година. Но, не беше фатен се  до 2023 година, кога беше и осуден.
Во новите судски процеси, неговиот адвокат го откри мотивот на Мартин за злосторството, очигледна конфузија околу тоа што точно го натерало да ги украде блескавите чевли.

 

Приказната започнува во Гранд Рапидс, Минесота во 2005 година, кога колекционерот Мајкл Шо ги позајмил чевлите на музејот „Џуди Гарланд“ во градот. Тој август, некој „влегол во зградата преку прозорец и упаднал во малата витрина во која беа изложени чевлите“, објави „Гардијан“ тогаш, но немаше осомничени.

„Нема многу докази“, рече началникот на градската полиција, но во годините што следеа, многумина се сомневаа дека Шо – кој собрал осигурување од 800.000 долари – е одговорен за кражбата. „Внатрешна работа! Без сомнение!“, рече актерот Џери Марен (пред неговата смрт во 2018 година).

Дури ни наградата од милион долари, понудена во 2015 година, не беше доволна да ги извади чевлите на виделина. Во 2018 година чевлите – еден од четирите познати парови од филмот – беа пронајдени во операција на ФБИ. Но и тогаш крадецот остана непознат.

Конечно, во мај минатата година, федералните обвинители во Северна Дакота го именуваа Мартин како нивен осомничен, обвинувајќи го за кражба на големо уметничко дело.  Тој не признавал ништо во месеците што следеа, но во октомври се согласил на договор за признавање вина, потврди Министерството за правда. Сепак, и тогаш многу детали од злосторството останаа мистерија.

Тоа се промени со меморандум поднесен од бранителот на Мартин, Дејн ДеКреј, објавен од Асошиејтед Прес. Според поднесокот, Мартин бил поранешен мафијаш кој свртел нов лист по неговото ослободување од затвор во 1996 година. Но, поранешен соработник му се обратил со понуда – му кажал дека чевлите се со вистински скапоцени рубини и тој би можел лесно да ги украде чевлите, да ги извади скапоцените камења и да ги продаваат парче по парче.

Но, исто толку примамливо како и парите била возбудата, рече ДеКреј.

„Најпрво, Тери ја одбил поканата да учествува во грабежот. Но, старите навики тешко умираат, а помислата на „конечниот резултат“ го одржувала буден со ноќи“, напиша ДеКреј во документот. „По долго размислување, Тери имал криминален релапс и одлучил да учествува во кражбата“.

Според ДеКреј, Мартин никогаш не го гледал „Волшебникот од Оз“ и не знаел за култноста  на чевлите. Така, откако со чекан ја скршил витрината и ги земал чевлите, сфатил дека се само стаклени и  „се ослободил од чевлите за помалку од два дена откако ги украл.

Сепак сè уште постои голема мистерија околу чевлите, бидејќи останува непознато местото каде биле помеѓу 2005 година и 2018, останува непознато. Во изминатите години, федералните власти одбија да дадат детали за операцијата што ги откри чевлите или што ги доведе до Мартин.

„Обвинителството на Соединетите Држави за округот Северна Дакота нема да дава дополнителни коментари или изјави додека не заврши пресудата“, соопшти агенцијата кога беа притиснати за детали.

Мартин, кој има 76 години е во геријатриска установа поради хронично опструктивно белодробно нарушување, е поштеден од затвор.

Извор: BBC

Превод: Марта Стевковска

Back to top button
Close