Реакција на филмски работници/чки за наградениот Лечиќ на „Киненова“: Штетна и опасна порака за жените во македонските филмски и изведувачки уметности, а и воопшто

По доделувањето на наградата за придонес во кинематографијата на српскиот актер Бранислав Лечиќ на неодамна завршениот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје, реакции стигнуваат од домашните филмски работници/чки. Реакцијата досега ја потпишаа петмина: Наташа Петровиќ – актерка, Тамара Ристоска – актерка, Жаклина Стевковска – актерка, Горјан Атанасов – монтажер, Дејан Димески – кинематографер, Ана Јакимска – режисерка и сценаристка.

„Храброста на актерките Данијела Штајнфелд и Мерима Исаковиќ да проговорат јавно за настаните од минатото е непроценливо важна за градењето на заедница каде што жените ќе се чувствуваат безбедно, слушнато и еднакво важно. Одлуката на Киненова да го награди Лечиќ е повеќе од контроверзна. Во Србија, земјата од каде што доаѓа Лечиќ, неколку актерки јавно проговорија за насилството извршено од нивните машки колеги и започнаа локално #MeToo движење, справувајќи се со целиот јавен линч. Во Македонија, тоа не се ни случи. Со оваа награда доделена во Скопје, Киненова придонесува кон замолчувањето на жртвите со тоа што на свечена манифестација им рече „ние не ви веруваме“.“ се вели во реакцијата.

Според нив, ова е исклучително штетна и опасна порака за жените во македонските филмски и изведувачки уметности, а и воопшто.

 

Реакцијата ја објави режисерката Ана Јакимска која вели: „Екипата на краткиот филм „Синиот час“, кој беше дел од официјалната програма на ова издание на фестивалот, ја осудува. Во оваа прилика, сакаме јавно да порачаме дека ние цврсто стоиме на страната на жртвите. Не во наше име!“.

За контроверзната одлука наградата да му се додели на Лечиќ за кого во Србија беше покренатао обвинение за сексуална злоупотреба пишуваше порталот Градска.мк .

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close