Рекорден број пожари ова лето: 21 активен пожар во земјава до 17 часот
Рекорден број пожари се регистрирани во текот на денот, со 21 активен пожар на територијата на земјава до 17 часот, информира Центарот за управување со кризи.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, посочи дека станува збор за рекорден број пожари ова лето, а службите се максимално ангажирани на терен за нивно локализирање и целосно гасење.
Пожари се регистрирани во повеќе општини низ земјава. Најголем дел зафаќаат ниска вегетација, шума и грмушки, а на неколку места се пријавени пожари и на плевни, ниви и други објекти.
Активни пожари има во Македонски Брод, Студеничани, Илинден, Желино, Зелениково, Кичево, Дебарца, Јегуновце, Тетово, Теарце, Гостивар, Чаир, Прилеп, Новаци, Штип, Битола, Центар Жупа, Ѓорче Петров и на територијата на Град Скопје.
Меѓу локациите каде што гори се м.в. Видуш кај селото Драгов Дол, подрачјето над Моране, Вртекица и Рамни Габер, селата Батинци, Чифлик, Строхијадица, Осој, Манастирско Доленци, Климештани кон Ботун, Копанце, Џепчиште, Пршовце, Тополчани, Маково, Врсаково и Драгош.
Пожари има и кај Глоба Балкан Груп во Гостивар, Специјалното училиште „Иднина“ – Поликлиника Чаир, железничката станица во Ѓорче Петров, како и на улицата „Гоце Делчев“ во Скопје.
Од ЦУК велат дека службите продолжуваат со максимален ангажман на терен за справување со пожарите, нивно локализирање и целосно гасење.






