Репрезентативецот Кире Ристевски нов член на кипарски АЕЛ
Левиот бек на македонската фудбалска репрезентација Кире Ристевски на три недели пред стартот на Европското првенство (ЕП) ги смени клупските бои и потпиша договор со кипарскиот прволигаш АЕЛ Лимасол.
Триесетгодишниот македонски дефанзивец премина во АЕЛ од редовите на унгарскиот прволигаш Ујпешт, потпишувајќи со клубот од Лимасол договор на две сезони, со можност за продолжување на соработката за уште една година.
Ристевски е четвртиот фудбалер во кипарското првенство од списокот со 26. репрезентативци што селекторот Игор Ангеловски го објави денеска за настап на ЕП, по голманот Дамјан Шишковски (Докса), играчот од средниот ред Стефан Спировски (АЕК Ларнака) и напаѓачот Иван Тричковски (АЕК Ларнака).