Ревизорска бомба: „Комунална хигиена“ со 113 неисправни возила, милионски долгови и сериозни пропусти

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни финансиски, организациски и технички слабости во работењето на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради што дал неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива за 2024 година.

Според ревизорскиот извештај, претпријатието се соочува со голем износ на побарувања чија наплата е неизвесна, нерационално управување со залихите, намалена ликвидност и сериозни проблеми со возниот парк.

 

Ревизијата покажала дека околу 60 проценти од специјалните комунални возила не се во функција. Од вкупно 189 возила, исправни се само 76, додека 80 се неисправни, а 33 се хаварисани. Просечната старост на возниот парк изнесува 15 години, што, според ревизорите, значително ја намалува способноста на претпријатието за ефикасно извршување на јавната услуга.

 

— реклама —

 

Утврдени се и неправилности во евиденцијата на недвижностите и опремата, при што не е обезбедено правото на сопственост за дел од имотот, а не е евидентирана ниту опрема во вредност од над 29 милиони денари.

 

Дополнително, побарувања во износ од околу 127 милиони денари имаат значително намалена или неизвесна наплатливост, а дури 40 проценти од резервните делови на залиха се набавени уште во 2009 година и денес немаат реална употребна вредност.

 

— реклама —

 

Ревизорите посочуваат и дека поради недобиена согласност за годишните планови за вработување, претпријатието во текот на 2024 година преку приватна агенција ангажирало 354 лица, за што биле исплатени околу 185,7 милиони денари.

 

— реклама —

 

Анализата покажува дека претпријатието работи со загуба, има намалена ликвидност, а обврските достигнуваат речиси 737 милиони денари. Поради доцнењето во плаќањето кон добавувачите се создаваат дополнителни трошоци за камати и казни, што дополнително ја влошува финансиската состојба.

Државниот завод за ревизија препорачува итно преземање мерки за надминување на утврдените слабости, изработка на стратегија за модернизација на возниот парк и воспоставување систем за континуирано следење на техничката исправност и економската оправданост на неговото одржување.

Back to top button
Close