Револуциите од 1989 година. Мeморија и наследство 

Мирјана Малеска

Дебатите од овој вид се интересни и пред се потребни, бидејќи колективната меморија, создадена од сеќавања за историски настани, искуства, симболи, преданија и митови, влијае врз идентитетот на поединците, го обликува јавното мислење и однесување и често се користи за легитимирање на одлуките на власта. Таа “конструкција” може да биде извор на конфликти (често е така), особено во сложени мулти-етнички заедници или меѓу блиски сосeдни народи и токму затоа е потребно да се преиспитува во светло на нови сознанија и аргументи.

1989 беше година на глобални и лични драми, време за радување и време за плачење. Револуциите од 1989 фундаментално го трансформираа нашиот континент и осбено Централна и Источна Европа, им дадоа надеж на луѓето, но исто така ги испрвија пред голема неизвесност и предизвици. Преку ноќ, како кула од карти, се сруши политичкиот и идеолошкиот систем на социјализмот, граден повеќе од педсет години и се распаднаа неколку федерации: некои на на мирен, кадифен начин(Чехословачка) додека советската и југословенска федерација, минаа низ брутални етнички војни. Ние, кои бевме сведоци и учесници во оваа историска драма, стоевме восхитени и воедно вџашени од длабината и брзината на промените.

Причини:

Анализите велат дека промените се резултат на долгорочни политички и економски тешкотии и некомпетентност на политичките елити во земјите зад Железната завеса.Тука е и исцрпувачката борба за доминација меѓу Западниот и Источниот блок, што предизвика додатно материјално и духовно осиромашување. Желбата за слобода исто така беше голем мотив за промени. Требаш само да се појави доволно храбар лидер и “Големиот Бум” да започне. Неговото име и денс со почит се изговара на Исток и Запад. Михаил Горбачов го разбра историскиот момент и имаше доволно храброст да започне со воведување на некои ограничени демократски реформи. Во момент когa репресијата попушти, во некои источноевропски земји ситуацијата излезе од контрола и заврши со масовен вооружен бунт на граѓаните против власта и нејзиите носители..

Мојата генерација не беше само сведок, туку и учесник во низа уникатни моменти на ширење на демократијата во Централна и Источна Европа. Таа година работев во научен институт во Скопје и ја паметам атмосферата, која може да се опише како глад за промени! Од каде доаѓаше оваа желба? Југословените на пример, не живеева лошо, ниту системот беше толку репресивен како во другите земји на Источниот блок. Постоева уставно гарантирани работнички права, самоуправување итн. Власта беше флексибилна и можеше да се купува и чита западна литература, да се патува или работи во странство. А сепак баравме слобода на мислење и говор, повеќепартиски систем, право на слободни и демократски избори итн.

Тие години, дебатата на светските универзитети се одвиваше меѓу приврзаниците на две спротивставени гледишта. Едни веруваа дека во некогашните комунистички земји, нема предуслови за стабилна демократија (Кен Џовит, “Новиот светски неред”). Нивните аргументи беа дека овие земји немаат силна средна класа, дека не постои демокртска традиција и дека транзицијата од државна во слободна економија ќе биде долг и тежок процес. Тие исто така, укажауваа дека демократијата, како збир на норми за посредување на плурални и конфликтни интереси, ако се воведе насилно, против волјата на некои од политичките актерите, ќе наиде на отпор и опструкција, Спротивното мислење доаѓа, на пример, од Џузепе ди Палма (“Зошто демократијата може да успее во Источна Европа?”). Тој припаѓа на научен круг кој верува дека историјата на западните демократии не може строго да се копира и пренесе во поранешните комунистички земји. Демократските “правила на играта”, пишува тој, можат да бидат предмет на договор, додека новото однесување и политичките верувања можат да се развијат откако политичките актери ќе се ‘качат’, по свој избор или од принуда, во ‘бродот на демократијата’. Тој мислеше наа слободни избори и други демократски институции.

По триесетина години, јасно е дека многу од овие стравови и резерви што доѓаа од научните кругови, беа оправдани и дека новите демократии имаат тешкотии особено во справување со национализмот и популизмот, но во 1989 година немаше простор за избор. Она што започна како обид на политичарите на комунистичките режими зад Железната завеса да направат помали реформи, само за да си ги продолжат своите политички животи, зеде несакан и сосема различен правец од првите иницијативи. Кога ќе се засече едно конче на една цврсто сплетена ткаенина, шевовите почнувааат да пукаат на сите страни.

Македонија не беше сосема неподготвена за демократски промени. Напротив, како релативно отворен систем имаше извсна демократска традиција на протести, дисендентство или субверзивно уметничко изразување.

Во Белград на 2-3 јуни 1968 година, се одржаа масовни студентски демонстрации што се проширија низ целата земја. Протестиравме и ние, скопските студенти. Дали знаевме што сакаме? Не сосема јасно. Критикувавме сè, но нашите барања беа главно за подобро образование, политички слободи и плурализам. Тогаш забележав дека највисоките функционери на македонската комунистичка партија присутни на студентските средби, гледаа на критиката со одобрување. Тие припаѓаа на таканаречените либерали и им требаше студентската подршка против догматското крило на партијата. Резултатот беше воведување на некои демократски реформи а слободата на изразување во сите уметнички форми беше толерирана. Американскиот професор Питер Лиота, на пример, беше толку импресиониран, од југословенската рок музика во тоа време, што посвети две статии на оваа тема, објавени во списанието “Нова балканска политика”. “Во улогата на ‘уметност'”, вели тој, “рок ‘ен’ ролот ја изрази идејата за слобода преку гласен, пулсирачки, експресивен звук. Тоа беше, всушност, форма на ослободување”. Во Македонија исто така, се појавија музички состави. По кажувањето на еден од членовите на тие први состави, Др. Иван Апостолов, тие своерачно ги правеле електричните гитари. Во оваа разновидност и сложеност на животот во поранешните комунистички земји, важно место завземаше и т.нар.‘субверзивна’ книжевност, како ‘Заробениот ум” на писателот, поетот, и нобеловецот Чеслав Милош. Таа книга, која беше популарна во нашите интелктуални кругови, е опишана од историчарот Норман Дејвис како дело што “тотално го дискредитира културниот и психолошкиот механизам на комунизмот”.

Добар пример се и ‘субверзивните’ полски филмови и режисери како Анджеј Вајда, Криштоф Ќишлoвски, Криштоф Зануси, Роман Полански, опишани во статијата на филмскиот критичар Мартин Смит(Социјалистичка Ревија) на следниот начин: “Полските режисери, актери и филмски екипи работеа под тешки услови, но неверојатно, тие сè уште беа во можност да направат некои од најголемите филмови на 20 век” (Смит, 2009).Југословескиот ‘црн бран’, спаѓа во таква ‘субверзивна уметост’ и донесе многу задоволство и оддишка на публиката.

Овие влијанија на југословенската уметост врз онаа на другите централно-европски и источно- европски држави и обратно,создаде во нашата меморија искуство на поврзаност и припадништво кон Европа како физички простор, култура и цивилизација.

Дали оптимизмот, очекувањата и надежите од 1989 година се исполнија? Не сите. Демократијата е идеал и нормално е нејзините вредности да се постават многу високо. Носителите на агресивниот национализам немаа намера така лесно да се повлечат и на првите слободни избори во деведесетите, во сите поранешни југословенски републики однесоа победа. Започна крвавото распаѓање на Југославија. Американскиот новинар Дејвид Род , кој ја доби Пулицеровата награда за неговата книга за војната во Босна, ‘Крај на играта’, прв го насочи вниманието на светот кон Сребреница, каде беа убиени речиси 8000 муслимански мажи и момчиња. Тоа беше застрашувачки пример на етничко чистење кое, како црно петно, останува во нашата колективна меморија.

Либерализацијта и реформите во земјите на Источниот блок и Југославија, започати во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век, беа бргу загушени: ‘Прашката пролет’, од советските тенкови во август 1968, а “Југословенската пролет” со политички средства. Тито разбра дека преголемата либерализација ќе ја загрози неговата моќ и ќе ја доведе во прашање федерацијата и започна политичка офанзива против либералната фракција во Југословенската комунистичка партија. Лидерите на либералното крило беа протерани од своите функции и работни места и добија партиски казни. Такаанааречените догмати повторно се вратија на власт. Либералите, никогаш, формално не беа рехабилитирани(Крсте Црвенковски, Савко Милосавлевски и други) но одиграа улога на силно про-демократско, про-европско и про-македонско лоби во моментите на осамостојување на земјата. Иронично беше тоа што во 1989 година, токму догматската структура на комунистичката партија на Македонија,се најде, против своја воља, во улога да ги пишува и промовира демократските реформи (повеќепартиски систем и слободи избори). Подоцна ‘палката’ ја превземаа луѓе со полиберални погледи. Започна, ново поглавје во историјата на Македонија, не нужно полесно, но кое го сакавме и сами го избравме.

Наследство за колективна меморија

Искуствата од 1989 стануваат секако дел од историското наследство. Оваа расправа е отворена за да се разгледа кои искуства се највредни за паметење? Јас би ги издвоиле следните:

-1989 беше неверојатно непредвидлива, возбудлива, динамична, широко поврзана, ентузијастичка, но многу често болна политичката бура што доведе до обединување на Европа, по Втората светска војна и ширење на демократијата во земјите од Централна и Источна Европа, каде спаѓа и Македонија.

– Некои од овие промени, (воведување на демократска политичка рамка и слободни избори) ветуваа светла иднина; некои, како што е погубувањето на диктаторот Николае Чаушеску во Романија без судење или распадот на Југославија низ граѓанска војна, агресија и свирепо етничко чистење, се потсетник дека промените можат да бидат многу тешки и болни.

– По триесетина години, јасно е дека многу од стравовите и резервите што доѓаа од научните кругови во деведесетите, беа оправдани и дека новите демократии без поголема демократска традиција и култура, имаат тешкотии во справувањето особено со национализмот, популизмот и корупцијата.

-Во колективната меморија, исто така ќе биде запаметено дека поривот за слобода постои дури и во најрепресивните системи и обично, во такви околности се манифестира преку литературата, музиката, сликарството или филмот. Уметноста во Централнна и Источна Европа и влијанието кое доаѓаше од Запад, созде искуство на цивилизациско припаѓање кон Европа и светот.

-Ништо не настанува од ништо.На историските промени во 1989 им преходеа обиди во земјите зад Железната завеса и во Југослаавија за демократски реформи (‘прашка’ или ‘југословенска пролет’) Македонија како дел од југословенската федерација и дел од еден пофлексибилен комунистички режим имаше доволно простор да искуси и развие некој степен на демократска свест. Така, осамостојуваањето на земјата и демократските реформи, беа дочекани без поголеми општествени потреси или граѓанска војна. Ние сакавме да станеме дел од слободниот свет и станавме.

-Општествата се во постојани промени. Слободата и демократската политичкаа рамка, создааваат простор за различни често спротивставени идеологии и политички опции кои можаат да го засилат или ослабнат демократскиот процес. Познато е дека основната слабост на демократијата е што на избори може да дојде политичка партија која ќе ја суспендира самата демократија. Одговорноста е на сите нас.

Референци:

REFERENCES:

Di Palma, Giuseppe. ‘Why democracy can work in Eastern Europe’. Journal of Democracy, Winter 1991, Issue 1, Vo.l 2, pp.21-31

Jowitt, Ken. ‘After Leninism: The New World Disorder’. Journal od Democracy. Winter 1991, Issue 1, Vol.2, pp.11-20

Liotta, Peter. ‘Rock music in Yugoslavia’. New Balkan Politics, No.2, 2002.

Rohde, David. End Game. The Betrayal and Fell od Srebrenica. Amazon

Smith, Martin. ‘Poland’s subversive cinema’. Socialist Worker, Issue 341, November, 2009

 

 

 

Back to top button
Close