Римските броеви на градскиот часовник во Битола
Градскиот часовник во Битола, најмаркантното архитектонско обележје на градот, културно историски споменик со непроценлива вредност, континуирано е најпривлечната локација за туристите од светот.
Фотографиран од секаков агол и во секое време од денот од страна на туристите кои се информираат дека е ѕидан од кршен камен пред околу 350 години и дека во малтерот се употребени околу 60.000 јајца собрани од битолските села. Лицата со оштетен вид може да читаат и со Брајево писмо и тоа е дополнителна вредност на заштитениот објект.
Најголемо внимание предизвикаат римските броеви на часовникот поставени 1927 година, а посебно бројот четири кој е обележан со четири вертикални црти IIII, наместо со правилниот римски број IV, како што е со останатите римски броеви на часовникот.
Римските цифри се броен систем кој потекнува од антички Рим, а секој број е комбинација на букви од латинската азбука. Бројот 4 се пишува како комбинација на знак со поголема вредност, во овој случај V (5) и се одзема еден број, односно точниот број на часовникот треба да биде IV, а не како што часовникот во Битола долги години е обележан со IIII. Но, токму тој сегмент дополнително го привлекува вниманието на туристите од земјава и странство.
Првиот бројчаник на часовникот бил бел со црни броеви и стрелки, но подоцна е извршена промена на арапските со римски броеви. До 1912 година, времето на Градскиот часовник во Битола се мерело според „А, ла турка“, односно часовите се одбројувале од моментот на заоѓање на Сонцето. Новиот бројчаник е поставен во 1927 година, со што завршил ангажманот на лицата задолжени да ги удираат камбаните на врвот од кулата.
Според истражувањата на Мирјана Димовска Чоловиќ, механизмот на часовникот го одржувале поединци, а за тоа сведочи публикуван материјал во кој меѓу другото се посочува дека „Наум Цингара, сајџија (часовничар) е отпуштен од служба со решение на судот, а Стеван Филиповиќ, овдешен сајџија, се поставува за хонорарен сајџија со месечен надоместок од 300 динари“.
Денес, механизмот на Градскиот часовник во Битола го одржува Валентино Јанакиевски, вработен во администрацијата на Општина Битола.
– Со љубов гледам на часовникот. Како да е дел од моето семејство. Редовно ги слушам звуците, мелодијата која одекнува секојдневно, на секои три часа, односно во 6, 9, 12, 15, 18… часот, бидејќи тогаш се слуша песната „Битола мој роден крај“. Звукот доаѓа од камбаните со посебни тонови и се слуша на секои 15 минути со еден тон, на секои 30 минути со два тонови, на секои 45 минути има три тонови, а на секои три часа е химната на градот. Времето што го покажува часовникот е секогаш точно бидејќи е приклучено на електронскиот систем на мерење време. Доколку се случи некоја стрелка да заостане, веднаш се качувам на врвот од часовникот каде што е саатниот механизам и камбаните, и тоа го корегирам. Не знам колку пати сум бил на врвот на Саат-кулата, но во една прилика, во пресрет на новогодишните празници кога поставувавме свечено осветлување, само во еден ден се искачив точно 48 пати, раскажува Јанакиевски.
Според историјатот за часовникот, првиот механизам бил поставен во 1936 година како воена репарација од Првата светска војна од Германија, а воедно и подарок во знак на благодарност за изградбата на германските гробишта во Битола. На врвот од кулата биле поставени петнаесет ѕвона тешки околу 900 килограми. На ѕвоната е напишано: „Благодарност на паднатите. Спомен за живите. Опомена за потомците“.
Во 2009 година, градскиот часовник на кулата е реставриран, а дотогаш емитувањето на песните се одвивало од клавир кој денеска се чува на приземјето. До врвот на Саат кулата водат 100 камени скали, низ тесен ходник кој е идентичен од влезната врата и се до платото од каде се пружа прекрасен панорамски поглед.
Релјеф со птица и змија, но и надгробна ара од вториот век
За туристите има уште една енигма, која е забележлива на левата страна од влезната врата. Имено, непосредно до влезот на вратата вградена е мермерна надгробна ара на која според направената ревизија и датирање на натписот извршени од д-р Наде Проева, станува збор за надгробен епитаф подигнат за синот Никомах во II-III век, од родителите, чии имиња исто така биле напишани, но се оштетени. Натписот е значаен како единствен во, како што се наведува, Горна Македонија, во кој што за покојникот се вели дека е сличен на Бога.
Мермерната ара и релјефниот симбол на еден камен на југо-источниот раб на кулата се недоволно познати за меѓународната јавност.
За сликата на релјефниот камен што се наоѓа на тринаесеттиот ред од второто ниво на кулата, има две легенди.
Првата, дека станува збор за гулаб со маслиново гранче и змија, од која произлегува пораката дека луѓето треба да бидат мудри како змии и незлобни како гулаби. Втората легенда поврзана со тогашните градители е дека врз каменот поставиле борба меѓу орел и змија. Орелот како „крал на небото“, симбол на сила и бесмртност, а во раното христијанство посочуван и како симбол на надеж поврзуван со Исус Христос, а змијата како симбол на уништување, но и на исцелување и преродба. Ако се знае дека времето кога е градена Саат-кулата, односно дека во исламот не биле дозволени вакви илустрации, тогаш може да се претпостави дека релјефот на каменот бил изработен и поставен од градители кои биле од христијански вероисповед.
Саат-кулата е висока 33 метри. На врвот има крст, поставен по осамостојувањето на државата, којшто се наоѓа на местото каде што порано имаше петокрака ѕвезда. Внатрешноста на овој најрепрезентативен маркер во Битола е недостапна за јавноста.