Ристоска за Слободен печат- Советот испрати порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци од центри на моќ
Одлуката на Советот на јавни обвинители испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ, вели за „Слободен печат“, обвинителката Ленче Ристоска за одлуката на Советот да ја отфрли претставката и едногласно да констатира дека премиерот Христијан Мицкоски не вршел политички притисок врз Ристоска која води предмети против владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја „медиокритет со политичка матрица“.
– Со оваа одлука, Советот практично остава простор јавни прозивки од обвинети лица или нивни законски застапници, штетни за интегритетот и самостојноста на обвинителите да останат без институционална реакција. Навистина не ми е јасно како квалификации како „медиокритет со политичка матрица“ не се „конкретизирани“ и не се препознаваат како напад врз интегритетот и самостојноста на обвинител, кој по дефиниција треба да биде професионален и непристрасен. За мене е сосема јасно дека изјавата на претседателот на Владата се однесува на мене, а доколку Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала неговата изјава. Дополнително, целосно е занемарен и контекстот во кој е дадена изјавата, а кој објективно упатува на притисок врз мојата работа и мојот професионален интегритет. Имено, предметите во кои се засегнати интересите на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ се единствените предмети кои јас како обвинител ги застапувам на суд, а изјавата доаѓа од претседателот на Владата кој како законски застапник на обвинетата политичка партија има директен процесен интерес од исходот на овие постапки. Со оваа претставка сакав да го тестирам новиот механизам на Советот, кој за жал, се покажа како формален, а не суштински. Ова испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ – вели Ристоска за „Слободен печат“.
Советот пак не го повикал премиерот оти немал дилеми каков став ќе донесе, бидејќи тој воопшто не го споменал името на Ристоска во интервјуто, образложение што го користеше и самата Влада, откако Ристоска побара извинување од премиерот.






