Родилките се жалат поради доцнење на парите за породилно отсуство, ФЗОМ тврди дека нема застој

Родилките порачуваат дека борбата со негативниот демографски тренд во земјава не може да се подобри само со декларативни стратегии и маркетинг кампањи, туку со реална и навремена поддршка на семејствата, кои наместо мирна грижа за децата, секој месец се соочуваат со принудна неизвесност

Социјалните мрежи изминативе денови се преплавени со сведоштва и остри реакции на револтирани мајки кои алармираат за сериозно доцнење на исплатата на парите за породилно отсуство, објави Македонската Радио Телевизија (МРТ). Како што пренесува јавниот сервис, родилките алармираат дека веќе е средина на август а тие сè уште ги немаат добиено финансиските средства за месец јуни.

Како што пренесува МРТ, на социјалните мрежи масовно се споделуваат искуства, прашања и апели од типот: „Дали доби денес некој патолошка или породилно?“, „Мајки, пишете ако добиете исплата денес“ и „Дали некој доби денес исплата на трудничко за јуни?“, а од надлежните институции не добиваат одговор кога точно средствата ќе бидат префрлени на нивните сметки.

Родилките порачуваат дека не бараат никакви привилегии, туку едноставно почитување на законски загарантираното право бидејќи во период кога треба целосно да се посветат на грижата за своите новороденчиња, тие се соочуваат со егзистенцијална неизвесност и се прашуваат како да ги покријат основните секојдневни трошоци за храна, млеко, пелени и сметки.

На барањето на МРТ за одговор на што се должи ваквото доцнење, од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) негираат дека има каков било застој на исплатите.

„Кај најголемиот дел од корисниците, постапката за исплата на надоместокот за породилно отсуство за јуни е завршена. Постои незначителен број предмети кај кои исплатата сè уште не е реализирана, главно поради потреба од дополнување или корекција на податоците и документацијата, потребни за комплетирање на конкретниот предмет“, пишува во официјалното соопштение на ФЗОМ испратено до МРТ.

Од ФЗОМ за јавниот сервис дополнително појаснуваат дека не постои еден единствен фиксен датум во месецот за исплата на надоместоците за породилно отсуство и категорично отфрлаат дека користењето на годишните одмори на вработените е сопирачка во постапката. Од таму додаваат дека станува збор за континуиран процес во кој секој предмет се обработува согласно со неговата комплетност и исполнетоста на законските услови, при што по приемот на документацијата се вршат проверка, контрола и одобрување, а дури потоа предметот оди на исплата.

Додека институциите уверуваат дека исплатата на терен е во тек, мајките во изјава за МРТ бараат трајно и системско решение на проблемот со доцнењето на породилниот надомест. Тие децидно порачуваат дека борбата со негативниот демографски тренд во земјава не може да се подобри само со декларативни стратегии и маркетинг кампањи, туку со реална и навремена поддршка на семејствата, кои наместо мирна грижа за децата, секој месец се соочуваат со принудна неизвесност.

Back to top button
Close