Родителите на загинатите деца во „Пулс“ повикуваат на 39-ти “Марш на ангелите”: Додека светот го поместува часовниот, за нас времето стои

Родителите на загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, повикуваат на 39-ти “Марш на ангелите”, кој ќе се оддржи во сабота, со почеток во 16 часот и 5 минути, во Паркот на Револуцијата во Кочани.

„Додека светот го поместува часовникот напред, додека деновите стануваат подолги и светлината трае повеќе, за нас времето стои. За некого ова е почеток на пролет, на движење, на живот, на планови. За нас — продолжение на тишината што не поминува. Надвор има повеќе светлина. Во нас — истата темнина. Но веруваме… дека оваа светлина нема да биде само во денот, туку и во вистината. Дека пролетта нема да донесе само топлина, туку и правда. Дека конечно ќе се симне мракот што веќе цела година демнее над Кочани. И токму затоа чекориме. Не затоа што ни е лесно, туку затоа што мораме. Секој чекор е болка што не престанува. Секој чекор е љубов што не исчезнува. Секој чекор е глас за оние што ги нема — а засекогаш се со нас. Ова е борба. За вистината. За правдата. И за никогаш да не се повтори. Бараме целосно расветлување на случајот и одговорност за системските пропусти кои дозволиле дискотеката да работи спротивно на безбедносните прописи.

Трагедијата во „Пулс“ Кочани останува силна порака за потребата од строга примена на безбедносните стандарди во јавните објекти и одговорно постапување на институциите. Додека денот се продолжува, ние ја продолжуваме борбата. Додека времето оди напред, ние не дозволуваме споменот да застане. Да донесеме светлина таму каде што има темнина. Да донесеме правда таму каде што има тишина. Ќе чекориме заедно. Со болка. Со љубов. Со сеќавање што никогаш нема да згасне, велат родителите во повикот

Back to top button
Close