Родово сензитивните училишта како безбедни простори за развој (втор дел)
УЧЕБНИЦИТЕ – СКЛАДИШТА НА ДИСКРИМИНАТОРСКИ СОДРЖИНИ
Учебниците, како авторитетни извори на знаењето што децата би требало да го стекнат, се помагала на кои наставниците традиционално најмногу се потпираат. Сепак, изминативе неколку години во јавноста се шират фрагменти што содржат небулозни, дискриминаторски и научно неточни содржини. Неколку учебници беа предмет на претставки пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и пред Народниот правобранител. Проблемот го посочуваат и наставниците – според скорешно истражување на МОН, 72% изјавиле дека подготовка на нови учебници за повеќето предмети е меѓу приоритетните потребни реформи.

Родово анализирајќи ги учебниците за основно образование, истражувачката Ирена Цветковиќ ја покажува системската природа на проблемот. Во учебникот по македонски јазик за 6-то одделение[1] таа утврдува нееднаква застапеност на женските гласови и светогледи и стереотипно прикажување на жените. На учениците во 7-мо одделение, преку учебникот по етика[2], која е една од областите најповикани да ги деконструираат општествените нееднаквости, „им се премолчува“ родовата перспектива, со што „апсолутно се исклучува можноста“ клучните етички поими и концепти критички да се преиспитуваат низ родова призма. Зачудувачки, ниту расизмот, шовинизмот, сексизмот, хомофобијата и трансфобијата не се предмет на какво било промислување во овој учебник.
Впечатлив пример за бизарното отсуство на вистинска релација на учебниците со реалниот свет во кој живеат децата е инсистирањето на традиционалниот модел на семејство (татко, мајка, две деца) без да се води сметка дека голем број деца живеат во еднородителски, во посвојувачки или во проширени семејства. Еднородителските семејства и самохраните мајки често реагирале на ваквите исклучувачки содржини што кај децата будат чувства на тага, срам или траума. Една од нив е и Здравеска, која смета дека инсистирањето на „типичното“ семејство е не само неправедно и нереално, туку и веќе банално, поради сѐ поголемото присуство на поинаквите модели, кои децата и самите ги гледаат околу себе. Таа истакнува дека неретко наставниците го игнорираат ваквиот недостаток во учебниците.
РОДОВАТА КОМПОНЕНТА ВО НОВИТЕ НАСТАВНИ ПРОГРАМИ ПОДРАЗБИРА КУЛТУРА НА НЕНАСИЛСТВО И ТОЛЕРАНЦИЈА
Зошто се дозволува истрајно изложување на генерации ученици на штетното влијание на ваквите учебници?
Анализирајќи ја законската рамка за родово образование правната советничка Драгана Дрндаревска проблемот на тромавоста на системските промени го лоцира во сложените процедури пропишани со важечкиот Закон за учебници за основно и средно образование, но и во неволноста на институциите за постапување.
Санела Шкријељ, посебна советничка за образовни политики во МОН[3], изјавува дека токму состојбата со учебниците била една од причините за иницирање на овие големи образовни реформи. МОН во април 2021 поднесе Предлог-закон за учебници и други наставни и дидактични материјали во основно и средно образование кој унапредува дел од слабостите на постоечкиот Закон. Дрндаревска утврдува дека со него за прв пат дискриминацијата врз основа на пол, род, родов идентитет и сексуална ориентација се предвидува како основа за повлекување на учебници. Со него се предвидуваат појасни и пократки постапки, центрирање на одговорноста кај Бирото за развој на образованието (БРО), и редовно ревидирање на содржините. За жал, како резултат на многуте притисоци и протести од страна на дел од јавноста, главно поттикнати од измените за дигитализација на учебниците, Законот беше повлечен од Собранието во јуни 2021. Образложението од МОН е дека по ревидирањето тој ќе биде повторно достапен за јавна дискусија.
Ајше Ајрулаи, раководителка на секторот за истражување во образованието во БРО, информира дека новите учебници оваа година се вреднувани според нова концепција и методологија за учебник во која се зајакнати индикаторите од аспект на родовата еднаквост.
Што промените на наставните програми за прво и четврто одделение подразбраат во пракса, анализира Цветковиќ.
Таа донесува позитивна оцена за програмите утврдувајќи дека ги содржат промоцијата на родовата рамноправност и превенцијата и заштитата од родово засновано насилство и дискриминација на начин на кој се приспособени на возраста на учениците, односно одговараат на нивните способности за разбирање и на предизвиците со кои се соочуваат.
Имено, таа утврдува дека родовата компонента во програмите за прво одделение се состои во „вградувањето култура на еднаквост, ненасилство и толеранција“. Ова пред сѐ се пренесува преку воспитните аспекти кои ги опфаќаат личниот и општествениот развој: адекватното изразување емоции кај децата и поттикнувањето позитивна слика за себе и за другите се клучни вештини за ненасилна комуникација, а со тоа и за родова еднаквост. Измените одговараат и на реакциите за приспособување на дефинициите на семејството, нудејќи пошироки модели.
Наставната програма во четврто одделение „гради врз стекнатите вредности, вештини и капацитети од прво одделение“, па содржините, согласно возраста, добиваат „појасна родова димензија“. Тоа е важно постигнато, според Цветковиќ, преку техниките на директно дискутирање на ситуации на насилство со кои се соочуваат учениците. Таква тема е врсничкото силеџиство кое е важен проблем во овој период на развој, на што особено се подложни девојчињата и ЛГБТИ младите, па неговата превенција е една од клучните компоненти на РСО во оваа фаза.
Дополнително, Шкријељ информира дека само во последната година и пол донесени се неколку одлуки за повлекување на учебници од употреба.
РАЗБИВАЊЕ НА МИТОВИТЕ ОКОЛУ РОДОВО СЕНЗИТИВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ – РСО
Во септември 2021 година РСО се воведе како аспект во наставните програми во прво и четврто одделение. Сеопфатното сексуално образование (ССО) моментално се спроведува како пилот-проект, по што е предвидено да се имплементира како посебен предмет во деветто одделение.
Еден од главните стравови на противниците на РСО е дека тоа претставува „контролирана нејаснотија“ во концепцијата, имплицирајќи дека е „параван“ за воведување на ССО и во пониските одделенија. На овој начин, сметаат тие, се одзема контролата на родителите над образованието на нивните деца. Дали овие тврдења се базирани на факти?
Психологинката Ана Попризова главниот проблем околу стравовите дека РСО и ССО ќе претставуваат притисок врз идентитетот и сексуалноста на децата го лоцира во недоволна информираност на родителите, наставниците и јавноста, поради која тие често стануваат жртви на жестоката пропаганда на социјалните мрежи.
Коментирајќи ги негативните реакции, Петроска-Бешка прецизно ги објаснува линиите на разграничување и преклопување на двата поими:
„Образованието може да се смета за родово сензитивно доколку на учениците им нуди позитивни модели за идентификација кои не се ограничени од традиционалните родови улоги. ССО има третман на засебен, изборен предмет, наменет за учениците од деветто одделение. Како таков, нуди стекнување знаења, вештини и ставови што придонесуваат за обезбедување родова сензитивност.
Проблемот настанува во моментот кога сексуалното образование ќе се судри со традиционалниот став на молчење за сексуалноста, нејзино негирање, минимизирање и табуизирање. РСО отвара теми кои ги атакуваат стереотипите и предрасудите и создава простор за отворен разговор за сексуалноста, што е спротивно на традиционалниот начин на постапување. Значи, РСО не може да се изедначи со сексуалното образование, меѓутоа тие се поврзани и сосема е оправдан стравот на поддржувачите на традиционалниот начин на гледање на улогата на жената и мажот во заедницата дека прифаќањето на едното нужно ќе води кон отворање на темите поврзани со другото.“
Воведувањето на РСО во основно училиште, иако во релација, не е во функција на ССО, туку е во контекст на образованието за основните човекови права, чиј клучен елемент е. Оттаму, тоа е интегрирано како базичен принцип и наставен пристап, наместо како посебен предмет.
„РСО е поврзано со еднаквоста, слободата, можноста за избор, почитувањето на различноста, правото на мислење и на добивање и давање информации, правото на здравје, на работа, на учество во одлучувањето, правото на приватност и правото на живот и заштита од насилство.“, објаснува Петроска-Бешка.
Најновите информации од БРО се дека од октомври до декември тие спровеле стручни советодавни увиди во примерок од училишта, во текот на кои се дале „потребните насоки за подобрување на работата со учениците од аспект на почитување на принципот на родовата еднаквост“, информира Ајрулаи.
Сепак, Здравеска, како родителка, смета дека сѐ уште има недоволно комуникација од училиштата во однос на темата: „Не сум информирана од училиштето – сепак, самостојно се информирав. Сметам дека е многу важно и добро да се воведе РСО и е одличен чекор и покрај предизвиците предизвикани од дезинформации.“
АВТОРКА: Фросина Крушкаровска
[1] Авторки на учебникот, објавен во 2011 година, се Снежана Велкова и Соња Јовановска
[2] Автор на учебникот, објавен во 2010 година, е Кирил Темков
[3] Шкријељ изјавата за овој прилог ја даде од функцијата посебна советничка за образовни политики во МОН, а од неодамна е пратеничка во Собранието.






