Родово сензитивните училишта како безбедни простори за развој (прв дел)

Во просек секое трето дете на 15-годишна возраст во Северна Македонија смета дека за девојчињата е поважно да се трудат да бидат добри мајки и сопруги отколку да се развиваат професионално.

Вакви отворено изразени дискриминаторски ставови кај децата на училишна возраст покажува студијата ХБСЦМ, која ги истражува однесувањата поврзани со нивното здравје. Притоа, децата кои биле дел од истражувањето изразиле свесност за нееднаквоста но и чувство на немоќ да влијаат врз неа.

Психолозите посочуваат дека во комплексниот контекст семејството и училиштето, како непосредни средини за учење и развој, се највлијателни агенси на влијание врз формирањето ставови по прашањата врзани за родовите улоги и нееднаквоста. Всушност, девојчињата од сиромашните и маргинализирани семејства и ЛГБТИ младите токму во училиштето гледаат прибежиште, сфаќајќи го како излез од својата подредена положба и од притисоците во домот и околината.

Колку македонските образовни структури се свесни за и ја прифаќаат својата улога како заштитна бариера од изложеноста на децата на родовите нееднаквости, и колку се подготвени да одговорат на нивните потреби и права за еднаков развој, учество и заштита?

 

ШТО Е РОДОВО СЕНЗИТИВНО УЧИЛИШТЕ (РСО)?

Македонското образование стана главен терен на жестоки поделби во јавноста по донесувањето на новата Концепција за основно образование. Иницијативата за воведување сеопфатен родово сензитивен пристап се истакна како особено контроверзна и, впечатливо, како аспект најмногу придружен со митови и погрешни толкувања.

Недоразбирањата започнуваат уште со основните поими. Разликувањето на термините род и пол претставува „еден од најпроблематичните елементи за пошироката јавност“ и е „исклучително тешка задача“, увидува Виолета Петроска-Бешка, психологинка и универзитетска професорка, која беше дел од работната група за изготвување на новата Концепција. „РСО значи внесување сознанија кои се спротивставуваат на еднозначната и традиционална поставеност и однос на жените и мажите. Тоа не ги поистоветува половите, туку дава можност да бидат перципирани и третирани како еднакви почитувајќи ја и земајќи ја во обѕир оваа различност“.

Во родово сензитивното училиште „академската, социјалната и физичката средина ги имаат предвид специфичните потреби на девојчињата и момчињата“, се вели во Прирачникот за наставници за примена на родова сензитивност во основно образование, објавен од Институтот за човекови права. Потребата од родово специфичен пристап е поткрепена со увидите од ХБСЦМ студијата кои откриваат високи родови нееднаквости во психолошкото здравје на учениците. Девојчињата од 11 до 15 години се поподложни на психосоматски тегоби, нераположение и депресивни чувства. ЛГБТИ младите значително се поизложени на насилства, а секое трето ЛГБТИ момче размислува за самоубиство. Ова се силно алармантни податоци.

Психологинката Ана Попризова истакнува дека без системски пристап, кој подразбира јакнење на свеста, системска поддршка на жртвите и законска регулатива, мали се шансите да се променат состојбите: „За жал многу често системот не функционира, што буди недоверба кај децата и младите и ги претвора во пасивни личности во однос на нивното учество во сите сфери на општеството, а во овој контекст и во сферата на борба против родовите стереотипи и родово заснованото насилство.“ Според неа, за жал „голем дел од наставниците не се обучени да препознаваат што е родово базирана дискриминација, а некои од нив имаат и предрасуди и стереотипи во однос на овие прашања“.

Во отсуство на утврдени процедури, справувањето со ваквите случаи досега во целост беше оставено на личната способност и совест на просветните работници, што често резултираше во непостапување. Низ вакво искуство минала Драгица Здравеска, мајка на дете од училишна возраст. Поради неуспех да се реши проблемот нејзиното дете морало да го промени училиштето, но изјавува дека и покрај тоа, досега не била соодветно информирана за постоечки механизми за заштита.

Ваквите ситуации се очекува да бидат надминувани со новата Концепција, според која во рамки на РСО за прв пат е предвидена обврска за впишување практични механизми, политики и процедури за справување со родова дискриминација и насилство во официјалните документи во училиштата. Системската поддршка за наставниот кадар ќе се обезбеди преку обуки кои содржат посебен модул за родова еднаквост. Обуките треба да им помогнат на наставниците во остварувањето на улогата на „позитивни модели на идентификација за учениците и во пружањето поддршка во превенцијата, експонирањето и санкционирањето“ на ваквите случаи, според Петроска-Бешка.

Авторка: Фросина Крушкаровска

крај на првиот дел

Back to top button
Close