Рубио: Кубанскиот дисидент и уметник Отеро Алкантара пристигна во САД по пет години затвор

Кубанскиот дисидент и уметник, Луис Мануел Отеро Алкантара, пристигна во Соединетите Американски Држави по издржувањето на петгодишната затворска казна во Куба – соопшти американскиот државен секретар, Марко Рубио.

Тој не прецизираше каде се наоѓа Отеро Алкантара, ниту кога точно пристигнал во САД. Претставник на американската Амбасада во Хавана во петокот потврди дека на уметникот му е одобрен хуманитарен престој во САД и дека дипломатското претставништво помогнало во организацијата на неговото патување.

Кубанските власти го уапсија Отеро Алкантара, коосновач на опозициското движење „Сан Исидро“, во 2021 година за време на најголемите антивладини протести во Куба во последните децении. Тој беше приведен додека се обидуваше да им се приклучи на демонстрантите, а во 2022 година беше осуден на пет години затвор.

Уметникот беше осуден за осквернување на националните симболи, за непочитување на државата и за нарушување на јавниот ред, а казната ја издржуваше во затворот „Гуанахај“ во близина на Хавана.

– Единственото негово ‘злосторство’ беше тоа што одби да молчи и ја користеше својата уметност за да бара основни слободи, од кои обичните Кубанци се лишени речиси седум децении – изјави Рубио.

Американскиот државен секретар истовремено ја повика Хавана веднаш да ослободи повеќе од 700 политички затвореници. Тој додаде дека меѓународната заедница мора да престане да ги игнорира прекршувањата на човековите права што ги врши кубанскиот режим и да се придружи во барањето за прекин на репресијата.

Во последните години Луис Мануел Отеро Алкантара стана симбол на новиот дисидентски бран во Куба. Тој е добитник и на норвешката награда „Рафто“ за 2024 година за „бестрашно спротивставување на авторитаризмот преку уметноста“. Триесет и осумгодишниот дисидент стана познат во 2020 година како еден од лидерите на движењето „Сан Исидро“, кое обединува голем број уметници и интелектуалци.

Back to top button
Close