Рубио за изјавата на Трамп: Претседателот само сакаше да понуди обнова на Газа, а не трајно да ги исели Палестинците
Според американскиот државен секретар Марко Рубио претседателот на САД, Доналд Трамп предложил само привремено заминување на Палестинците од Газа, додека Појасот не биде расчистен и обновен, а не преземање на територијата од страна на Соединетите Американски Држави.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на перс-конференцијата во Гватемала сити / Фото: EPA-EFE/DAVID TORO
Американскиот претседател предизвика силни реакции ширум светот откако вчера на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека САД ќе го преземат Појасот Газа, а Палестинците кои живеат таму треба бидат преселени на друго место.
Трамп, во таа насока, изјави дека Газа може да стане „ривиера на Блискиот Исток“ и не ја исклучи можноста од испраќање американски војници за постигнување на таа цел.
Трамп сака САД да го преземе Појасот Газа и да го направи „ривиера на Блискиот Исток“
Рубио, прашан за коментар на ваквите изјави на американскиот претседател, на прес-конференција во Гватемала сити, денеска рече дека предлогот на Трамп не бил даден во непријателска смисла, пренесува „Гардијан“.
Според Рубио, палестинската територија наликува како место погодено од природна катастрофа и оти луѓето не можат да живеат таму бидејќи има неексплодирани средства, остатоци и урнатини.
„Единственото нешто што го направи претседателот Трамп – многу великодушно, според мене – е што понуди подготвеност на Соединетите Држави да интервенираат, да ги исчистат урнатините, да го исчистат местото од целото уништување на теренот, да го исчистат од сите тие неексплодирани убојни средства“,рече Рубио.