Русија го направи првиот чекор кон национализација на странските компании

Руската владејачка партија Единствена Русија денеска соопшти дека владиниот комитет го одобрил првиот чекор кон национализација на имотот на странските компании кои ја напуштија земјата по воведувањето санкции поради инвазијата врз Украина.

Партијата соопшти дека Комитетот поддржал закон кој им дозволува на компаниите кои се 25 отсто или повеќе во сопственост на странци од „непријателски земји” да добијат надворешно управување.

– Ова ќе спречи стечај и ќе спаси работни места, се вели во соопштението.

Странските корпорации донесоа различни одлуки за нивното работење во Русија по нападот на Украина. Компаниите како американскиот Форд привремено ги затворија фабриките, но некои како британската енергетска компанија БП ветија дека целосно ќе ја напуштат земјата.

Единствена Русија тврди дека во предлог-законот се наведува дека компаниите кои најавиле заминување од Русија може да одбијат надворешно управување доколку продолжат со своите активности или ги продадат своите акции во рок од пет дена, под услов да се одржат деловните активности и вработените.

Доколку не го сторат тоа, судот ќе назначи привремена управа на три месеци, по што уделите на новата организација ќе бидат ставени на аукција, а старата ќе биде ликвидирана.

Back to top button
Close