Русија откри што, според неа, го кочи крајот на војната во Украина
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделното обраќање за телевизијата Belarus-1, изјави дека брзината со која би можеле да се одвиваат преговорите за прекин на војната во Украина директно зависи од ставот на Киев, ефикасноста на посредувањето на САД и од ситуацијата на боиштето.
Повеќе од пет месеци по доаѓањето на Доналд Трамп на власт, не е постигнат никаков пробив за запирање на војната што Русија ја започна во февруари 2022. Иако Трамп во својата изборна кампања вети дека ќе го заврши конфликтот „во еден ден“, засега нема реален напредок.
„Многу работи зависат од ставот на украинскиот режим“, рече Песков, додавајќи: „И од тоа колку посредувањето на Вашингтон ќе биде ефективно“. Според него, ни ситуацијата на теренот не може да се игнорира како клучен фактор.
Русија и натаму бара територијални отстапки од Украина и прекин на западната воена поддршка – барања што Киев ги смета за целосно неприфатливи.
Иако нов датум за следна рунда мировни преговори сè уште не е одреден, Песков изрази надеж дека „во блиска иднина“ ќе има поместување во таа насока. Тој потврди дека и покрај неодамнешните преговори во Истанбул во мај и јуни, на кои беа договорени размените на заробеници и телата на загинатите, суштински напредок за прекин на огнот не бил постигнат.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека двете страни доставиле „целосно спротивставени“ меморандуми за мировен договор.
Русија во меѓувреме продолжува со територијалното напредување во југоисточните региони на Украина, особено во Донецк и Дњипропетровск, како и со интензивирани воздушни напади низ целата земја.
Турција, која беше домаќин на последната рунда преговори, изрази подготвеност повторно да ги прими делегациите на завојуваните страни