Русија планира да им забрани на приврзаниците на Навални да учествуваат на изборите

Следната недела рускиот Парламент ќе расправа за предлог-законот со кој се забранува членови на „екстремистички“ организации да учествуваат на изборите.

Таквиот потег има за цел да ги ограничи приврзаниците на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Законот би можел да влијае не само врз членовите и активистите на политичката мрежа на Навални, туку и на десетици илјади Руси кои ја поддржуваат неговата работа со донации.

Кон крајот на минатиот месец руските власти ја ставија политичката мрежа на Навални на листата на терористички и екстремистички организации.

Василиј Пискаров, шеф на руската парламентарна Комисија за истражување на странска вмешаност, изјави дека законодавниот дом мора да преземе брзи активности за одобрување на предлог-законот, кој ќе им забрани на членови на „екстремистички“ организации да се кандидираат за пратеници.

– Првото читање е на 18 мај. Важно е да не го одложуваме, рече Пискарев во изјавата за Телеграм, изразувајќи надеж дека промените ќе стапат во сила пред парламентарните избори во септември.

Тој нагласи дека законот не е насочен кон одредена организација и неговата главна цел е заштита на рускиот суверенитет.

Долниот дом на рускиот Парламент соопшти дека предлог-законот е насочен кон лидери, спонзори и редовни членови на „екстремистички“ организации.

Лидерите на тие групи, вклучително и нивните спонзори, нема да можат да учествуваат на парламентарни избори пет години, соопшти Државната дума.

Организациите кои се наоѓаат на списокот ги вклучуваат терористичките групи Исламска држава и Ал Каеда.

Back to top button
Close