Русија почна со повлекување на трупите и опремата од Крим

– Русија денеска почна да ги повлекува војниците привремено стационирани на полуостровот Крим, потег што може да помогне во деескалација на тензиите на Москва со Киев и западните земји, јави ДПА.

Војниците кои учествуваа во неодамнешните воени вежби на Крим ќе почнат да се враќаат во своите стационарни воени бази во Русија, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва, пренесоа руските медиуми.

Воената опрема што беше пренесена на Крим, а Русија и ја заплени од Украина во 2014 година, ќе се префрли со возови, авиони и бродови.

Украина и земјите од НАТО изразија загриженост заради руското трупање војници и опрема на Крим и на украинската граница, што предизвика стравување дека долготрајниот судир меѓу двете нации може да влезе во нова, многу понасилна фаза.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу повлекувањето го најави вчера, а наредбата стапи на сила денеска, пренесе ДПА.

-На полигонот Опук на Крим, воените бродови се подготвуваат за заминување, бидејќи на нив се натоварени војници и опрема, рече Шојгу. За време на вежбите, таму беа стационирани околу 10.000 војници.

Во заедничките маневри беа вклучени и руските воено-воздухопловни сили. Русија вежбите ги правдаше со подготовка за одбрана на вооружените сили, што традиционално се изведува секоја пролет.

-Целта беше постигната, поради што војниците сега можат да се вратат дома, рече Шојгу.

Според западни експерти, овој воен маневар беше поголем од било која активност од 2014 година наваму.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, неделава изјави дека Русија во овој регион натрупа околу 100.000 војници.

Back to top button
Close