Русите се радуваат по конфликтот меѓу Трамп и Зеленски: Америка повеќе не е непријател, туку партнер

Руските власти и московските медиуми реагираа со ентузијазам на драматичната конфронтација меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во Белата куќа.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, на социјалните мрежи објави дека средбата била „брутално соголување во Овалната соба“.

„Трамп на кловнот Зеленски му ја кажа вистината в лице: режимот во Киев си поигрува со Третата светска војна… Ова е корисно. Но, не е доволно – мора да ја прекинеме воената поддршка за Украина“, напиша Медведев.

Пред состанокот, Москва беше загрижена за наводното менување на тонот на Трамп кон Украина, особено откако европските лидери од Полска, Франција и Велика Британија го посетија Вашингтон за да лобираат за континуирана поддршка за Киев. Трамп потоа ја изрази својата подготвеност да ги поддржи европските мировни сили во Украина, што Киев и неговите сојузници го сметаа за клучно за да ја одвратат Москва од нова ескалација.

Сепак, тие грижи брзо исчезнаа откако Зеленски доби непријателски прием во Белата куќа, каде што беше вербално нападнат од Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс. „Како Трамп и Венс се воздржаа да не го нападнат тој копиле е вистинско чудо“, напиша на Телеграм, Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

Засега Путин директно не зборувал за инцидентот, но извори блиски до Кремљ тврдат дека рускиот претседател со задоволство го следи развојот на ситуацијата.

„Путин сега не мора многу да зборува“, рече еден од изворите. „Јасно е дека ужива во шоуто и верува дека сега може да постави уште поголеми барања во Украина. Таа средба беше поголема победа за Путин од која било битка на бојното поле од почетокот на војната“, наведуваат тие, а пренесува „Гардијан“.

Извори од Кремљ предвидуваат дека Путин би можел да стапи во контакт со Трамп во наредните денови за да нагласи дека Зеленски не е лидер со кој може да се преговара и дека треба да биде сменет – позиција што сега се почесто се повторува во Москва и Вашингтон.  (Фокус)

Back to top button
Close