Руски „дипфејк“ дезинформации: Сопругата на Зеленски не нарачала најново „Бугати“

На 1.07.2024 руско-српскиот пропаганден медиум „Спутник Србија“ објави наслов „Медији: Супруга Зеленског купила најскупљи аутомобил на свету /фото/“. Руската пропаганда на српски јазик, која се прошири во повеќе српски медиуми, се повикува на текст објавен на француски сајт Verite Cachee France со наслов „Olena Zelenska est devenue la première propriétaire de la toute nouvelle Bugatti Turbillon“ („Олена Зеленска стана првата сопственичка на целосно новиот Bugatti Turbillon“). Во текстот има видео изјава од „вработен во застапништвото на Bugatti во Париз“ кој наводно ги раскажал деталите од приватната презентација на новиот автомобил, што компанијата го организирала за брачниот пар Зеленски две недели пред официјалното објавување. Во текстот се тврди дека Олена Зеленска била толку воодушевена од новиот Бугати што станала прва сопственичка, при што е приложена и копија од фактурата за нарачката од над 4.4 милиони евра.

Но, што е спорно во оваа „новинарска“ приказна, која беше раширена не само од руски и српски, туку и од бугарски, и други регионални и светски медиуми и инфлуенсери, особено на социјалните мрежи, каде што објавеното видео имаше десетици милиони прегледи?

Прво, „Бугати Париз“ официјално негираше дека има таква продажба и фактура, и соопшти дека покреналe постапка за повеќе кривични дела, најостро осудувајќи ја оваа кампања со дезинформации.

Второ, повеќе проверувачи на факти укажаа дека раширеното видео е „дипфејк“ создаденo од вештачка интелигенција, дека францускиот сајт бил креиран на 22.06.2024, и дека е дел од постојаната руска пропагандна мрежа, која спроведува кампањи со дезинформации кои го таргетираат Зеленски и неговата сопруга.

Трето, според анализата на BBC Verify and BBC News, станува збор за операција со дезинформации која ги таргетира и изборите во САД: „Десетици лажни приказни проследени од Би-Би-Си се чини дека имаат за цел да влијаат врз американските гласачи и да сеат недоверба пред изборите во ноември. Некои беа целосно игнорирани, но други беа споделени од влијателни лица и членови на американскиот Конгрес.“

И последниов случај на руски дезинформации, маскирани како новинарски текст, со „дипфејк“ видео и лажна фактура, покажува дека руската пропаганда преку вирални видеа успева да пробие преку социјалните мрежи не само на Балканот и во Европа, туку и да влијае на гласачите во САД.

Извор: Смк

 

Back to top button
Close