Руски нобеловец ќе го продаде медалот за да им помогне на украинските бегалци

Главниот уредник на независниот московски весник Новаја газета, Дмитриј Муратов, ќе го продаде медалот од Нобеловата награда за мир што ја освои минатата година за да им помогне на украинските бегалци. Ова го соопшти аукциската куќа Херитиџ со седиште во Тексас. Сегашната понуда за медалот што ќе се најде на аукција на 20 јуни е 260.000 американски долари, соопшти аукциската куќа.

Муратов, кој ја доби Нобеловата награда за мир за 2021 година за неговата новинарска работа во Русија, ја објави својата одлука да го даде на аукција неговиот медал на 22 март, велејќи дека парите ќе бидат искористени за помош на украинските бегалци кои морале да ја напуштат земјата поради инвазијата на Русија.

Од почетокот на март, Муратов и неговиот весник избегнуваат да известуваат што се случува во Украина поради руската официјална цензура и заканата од кривично гонење за новинарите кои не ја следат линијата на владата.

Руското регулаторно тело за медиуми Роскомнадзор го забрани опишувањето на руската акција во Украина како инвазија или војна, наместо тоа инсистирајќи на тоа дека се нарекува со нејзиното официјално име – „специјална воена операција“.

Неодамнешниот закон одобрен од рускиот претседател Владимир Путин предвидува затворски казни до 10 години за лица кои ќе го прекршат правилото.
Казната за дистрибуција на она што властите го сметаат за „намерно лажни информации“ за руската армија што доведува до „сериозни последици“ е 15 години затвор.

Back to top button
Close