Рускиот блогер Иља Ремесло, поранешен поддржувач на Кремљ, уапсен поради критики кон Путин

Рускиот блогер Иља Ремесло, кој јавно го критикуваше претседателот Владимир Путин и руската воена интервенција во Украина, е уапсен под обвинение за ширење невистинити информации за руските вооружени сили, објави ТАСС.

Ремесло, кој претходно беше познат како прокремљовска фигура, е адвокат кој стана познат во јавоста преку критиките кон Алексеј Навални, опозицискиот лидер кој почина во затворска колонија во 2024 година. Сепак, во март Ремесло објави манифест на социјалните мрежи кој предизвика големо внимание. Во него наведе пет причини поради кои ја прекинал својата поддршка за рускиот претседател Владимир Путин. Во манифестот тој ја критикуваше војната во Украина, ограничувањата на слободата на говорот и повика Путин да се повлече од функцијата претседател и да биде изведен пред суд. Доколку биде прогласен за виновен, Ремесло може да добие казна до 10 години затвор.

Неколку дена по објавувањето на манифестот, тој бил примен во психијатриска болница во Санкт Петербург. Околностите околу неговата хоспитализација остануваат нејасни, а не е познато дали бил принудно сместен или самиот побарал медицинска помош. Ремесло бил ослободен околу еден месец подоцна.

Во меѓувреме, рускиот политичар Борис Надеждин, кој се обиде да се кандидира против Владимир Путин на претседателските избори во Русија во 2024 година, денеска беше казнет со глоба. Надеждин е прогласен за виновен за прикажување екстремистичка симболика и му е изречена парична казна од 1.000 рубљи (околу 12,74 долари).

Надеждин е либерален политичар и беше пратеник во рускиот парламент од 1999 до 2003 година. Тој беше уапсен претходно оваа недела, кратко откако руските власти го прогласија за „странски агент“. За обвинението за прикажување екстремистичка симболика му се закануваше и затворска казна до 15 дена. Случајот се однесува на објава на социјалните мрежи поврзана соо видео на кое имало фотографија од Алексеј Навални, чија Антикорупциска фондација руските власти ја прогласија за екстремистичко движење.

Back to top button
Close