Руските феминистки протестираат на улиците против војната што ја води Путин  

Манифест на руските феминистки кои се обединија против окупацијата и војната во Украина.

Во денешна Русија, феминистките го сочинуваат едно од најактивните општествени движења кои ѝ пркосат на државната репресија. Во моментов тие се обединуваат за да се спротивстават на војната на Владимир Путин против Украина. Текстот подолу е манифест на руските феминистки кои се обединија против окупацијата и војната во Украина.

Феминизмот е едно од ретките опозициски движења во модерна Русија што не е уништено од брановите на прогонување што ги започна владата на Владимир Путин. Во моментов, неколку десетици грас рут феминистички групи дејствуваат во најмалку 30 руски градови. Во овој текст, феминистките кои учествуваат во антивоените демонстрации низ целата земја ги повикуваат феминистките ширум светот да се обединат против воената агресија што ја започна владата на Путин:

На 24 февруари, околу 5:30 часот по московско време, рускиот претседател Владимир Путин најави „специјална операција“ на територијата на Украина со цел да се „денацизира“ и „демилитаризира“ оваа суверена држава. Оваа операција долго се подготвуваше. Неколку месеци наназад руските трупи се движеа на границата со Украина. Во исто време, раководството на нашата земја негираше каква било можност за воен напад. Сега гледаме дека тоа било лага.

Русија му објави војна на својот сосед. Не ѝ даде на Украина право на самоопределување или надеж за мирен живот. Изјавуваме – и не за прв пат – дека војната се води во последните осум години на иницијатива на руската влада. Војната во Донбас е последица на илегалната анексија на Крим. Сметаме дека Русија и нејзиниот претседател не се и никогаш не биле загрижени за судбината на луѓето во Луганск и Доњецк, а признавањето на републиките по осум години беше само изговор за инвазија на Украина замаскирана како ослободување.

Како граѓанки на Русија и феминистки, ја осудуваме оваа војна. Феминизмот како политичка сила не може да биде на страната на воена агресија и воена окупација. Феминистичкото движење во Русија се бори за ранливите групи и за развој на праведно општество со еднакви можности и перспективи, во кое не може да има место за насилство и воени конфликти.

Војната значи насилство, сиромаштија, принудно раселување, скршени животи, несигурност и немање иднина. Ова не е во склад со основните вредности и цели на феминистичкото движење. Војната ја влошува родовата нееднаквост и го уназадува напредокот на човековите права. Војната со себе не го носи само насилството на бомбите и куршумите, туку и сексуалното насилство: како што покажува историјата, за време на војна, ризикот од силување за жените е неколку пати поголем. Поради овие и многу други причини, руските феминистки и оние кои делат феминистички вредности мора да заземат цврст став против оваа војна што ја започна раководството на нашата земја.

Според Путин, актуелната војна се води под знамето на „традиционалните вредности“ прогласени од владините идеолози – вредности кои Русија наводно одлучила да ги промовира низ целиот свет, користејќи насилство врз оние кои одбиваат да ги прифатат или имаат поинакви ставови. Секој кој е способен за критичко размислување е добро свесен дека овие „традиционални вредности“ вклучуваат родова нееднаквост, експлоатација на жените и државна репресија на оние чии начини на живот, самоидентификација и постапки не се во согласност со тесните патријархални норми. Оправдувањето на окупацијата на соседна земја со желба да се промовираат такви искривени норми и стремежот за демагошко „ослободување“ е уште една причина зошто феминистките ширум Русија мора да се спротивстават на оваа војна со сета своја енергија.

Денес, феминистките се една од ретките активни политички сили во Русија. Долго време, руските власти не нè доживуваа како опасно политичко движење, така што извесно време бевме помалку погодени од државната репресија од другите политички групи. Во моментов, повеќе од 45 различни феминистички организации работат низ целата земја, од Калининград до Владивосток, од Ростов на Дон до Улан-Уде и Мурманск. Ги повикуваме руските феминистички групи и индивидуалните феминистки да се приклучат на феминистичкиот антивоен отпор и да ги здружат силите активно да се спротивстават на војната и на владата што ја започна истата.

Ги покануваме и феминистките од целиот свет да се придружат на нашиот отпор. Нè има многу, а заедно можеме утте повеќе: во изминатите десет години, феминистичкото движење доби огромна медиумска и културна моќ. Време е тоа да се претвори во политичка моќ. Ние сме во опозиција на војната, патријархатот, авторитаризмот и милитаризмот. Ние сме иднината која ќе надвладее.

Ги повикуваме феминистките од целиот свет:

Приклучете се на мирните демонстрации и започнете офлајн и онлајн кампањи против војната во Украина и диктатурата на Путин, организирајќи ваши сопствени акции. Слободно користете го симболот на феминистичкото антивоено движење во вашите материјали и публикации, како и хаштаговите #FeministAntiWarResistance и #FeministsAgainstWar.Споделувајте информации за војната во Украина и агресијата на Путин. Потребно е целиот свет да ја поддржи Украина во овој момент и да одбие да му помогне на режимот на Путин на кој било начин.Споделете го овој манифест со другите. Неопходно е да се покаже дека феминистките се против оваа војна – и секој вид војна. Исто така, потребно е да се покаже дека сè уште има руски активисти кои се подготвени да се обединат во опозиција на режимот на Путин. Во моментов сите сме во опасност да бидеме прогонети од државата и ни треба вашата поддршка.

 

 

Back to top button
Close