Руските клубови суспендирани, Валенсија и Партизан во кошаркарската Евролига

 

Членовите на Извршниот комитет на кошаркарската Евролига одлучија денеска да ги суспендираат екипите од Русија за следната сезона во Евролигата и Еврокупот, а во елитното натпреварување да ги заменат Партизан и Валенсија, во чиј редови настапува македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.

Суспензијата на руските кошаркарски екипи доаѓа како последица на војната во Украина, а од Евролигата појаснија дека при донесување на одлуката се воделе од одлуките, кои претходно ги донесоа други меѓународни федерации, вклучувајќи ги МОК, УЕФА, ФИФА и ЕХФ, како и изјавите на 37 министри за спорт во европските држави, кои заклучија дека на руските клубови треба да им се забрани настап во нивните земји.

Учесници во Евролигата во следната сезона ќе бидат Алба Берлин, Ефес, Монако, Армани, Басконија, Црвена ѕвезда, Барселона, Баерн Минхен, Фенербахче, Асвел, Макаби, Олимпијакос, Панатинаикос, Партизан, Реал Мадрид, Валенсија, Виртус Болоња и Жалгирис.

Белградски Партизан се враќа во елитното европско кошаркарско натпреварување прв пат по пауза од осум години.

Back to top button
Close