Русковска за претставката на Муареми: Ова е директен притисок врз обвинителството и судот

Првиот човек на Финансиската полиција обвинува за недоследности при минатонеделниот претрес и испрати претставка против Обвинителството за организиран криминал, со кое раководи Вилма Русковска.

Претресот на Обвинителството за организиран криминал во Управата за финансиската полиција сѐ уште ја бранува јавноста. Иако детали за предистрагата не се соопштуваат во јавноста, првиот човек на Финансиската полиција, Арафат Муареми обвинува за низа недоследности во постапката и испрати претставка против обвинителството со кое раководи Вилма Русковска.

Јавниот обвинител, Љубомир Јовески потврди дека ја примил претставката од Управата за финансиска полиција, ќе ги испита наводите, по што ќе биде донесена соодветна одлука.

Обвинителката Вилма Русковска, пак, за ДВ открива дека претставката била испратена уште минатиот вторник, само еден ден откако обвинителите го започнаа претресот во државната институција. Тоа што информацијата се споделува со јавноста една недела подоцна, според Русковска, претставува директен притисок врз нивната работа.

„Со оглед на тоа дека претставката е поднесена минатиот вторник до обвинителот Јовески, нејзиното соопштување сега во јавноста го сметам за директен притисок врз работата на обвинителството и судот“, вели Русковска за ДВ.

Таа е изненадена од реакцијата на Муареми. „Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави, ќе повторам, врз обвинителството и судот“, вели Русковска.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatsanwaltschaft zu Festnahme Kativa Janeva, SonderstaatsanwaltschaftЉубомир Јовески и Вилма Русковска (архивска фотографија)

Недоследности и самоволие

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, во врска со претресот што Обвинителството за организиран криминал го започна на 18 јули, денеска соопшти дека има суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување. Поради „низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската практика, како и неоснованоста на примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на Обвинителството од страна на Управата за финансиска полиција, до Јавниот обвинител е поднесена претставка, согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај“, се вели во соопштението. Муареми оценува дека со овие дејствија била нанесена голема штета на угледот на Управата за финансиска полиција, на сите вработени во Управата, но и на неговиот углед како директор.

Обвинителството за организиран криминал и корупција минатата недела влезе во Управата за финансиска полиција. Првичните информации беа дека наредбата е издадена по пријава на група граѓани против директорот.

Back to top button
Close