Русковска за протечената снимка: Најдобро е Камчев да го прашате за автентичноста


Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), Вилма Русковска, во изјава за ТВ Алсат вели дека не може да ја потврди автентичноста на аудио снимката што вчера протече на социјалните мрежи, а на која се претпоставува дека таа разговара со уште едно лице, чиј глас е обработен.

Во снимката се споменува името Владимир Атанасовски што се совпаѓа со поранешниот директор на УБК, првостепено осуден на казна затвор од 6 години за организација на настаните од 27 април, а кој, како што се слуша во разговорот, бил ,,заборавен” во притвор два месеца.

„Нема шанса некој да биде ‘заборавен’ во притвор, затоа постојат заштитни механизми. Ако сум рекла ‘заборавен’, тоа е фигуративно кажано“,

вели Русковска за ТВ Алсат.
Аудио-снимката е објавена на Твитер и трае околу минута и половина.

„Не знам дали е автентична. Мислам дека е дел од снимките што Јордан Камчев ги достави за предметот ‘Рекет’. Најдобро е Камчев да го прашате за автентичноста. Не знам кој е објавувачот“,

додава Вилма Русковска за ТВ Алсат.
Инаку, Јордан (Орце) Камчев е еден од обвинетите што постигнаа спогодба за случајот ,,Империја” со ОЈОГОКК со кое раководи Русковска. Конкретно Камчев – да плати 5 милиони евра и да одлежи една година затвор.

Камчев ја смени и адресата на живеење од Скопје во Охрид со цел затворската казнa наместо во главниот град, да ја издржи во полуотворениот Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга. Од први јули тој е во отвореното одделение во затворот во Струга.

Back to top button
Close