Руте: Јас ја избрав Шекеринска и горд сум на тоа

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во својот денешен говор во Собранието, посебно се осврна на изборот на Радмила Шекеринска за негова заменичка, истакнувајќи дека тој самиот ја донел одлуката таа да биде назначена на оваа позиција.
Тој изрази благодарност до Шекеринска за знаењето и искуството што таа ги носи во НАТО, кои, како што рече, се од големо значење и за него и за алијансата, кога се разглед
уваат и се решаваат безбедносните предизвици за нашиот регион и подалеку.
„Како што знаете, Радмила беше член на ова Собрание, и служеше во владата на Северна Македонија. Таа беше одличен избор за да се придружи на водечкиот тим на НАТО. И можам да го кажам тоа со сигурност, бидејќи моја беше одлуката да ја назначиме. И многу сум горд на тоа“,
рече Руте од собраниската говорница.
Тој пред пратениците додаде дека без разлика кој од каде е во големата атлантска алијанса, сите стојат заедно, и заедно ги чуваат мирот и безбедноста на државите. Северна Македонија, како што нагласи, има корист од ова секој ден.
Радмила Шекеринска на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО беше назначена на 19 ноември 2024 година, а ја презеде на 2 декември. На официјалната веб-страница на Алијансата во сегментот „За нас“ во делот каде што се споменува Шекеринска пишува оти таа како поранешен вицепремиер и министер за одбрана на Северна Македонија, има огромно искуство како креатор на политики и создавач на консензус. Таа, се додава во објавата, е шампион на родовата рамнотежа и постојан поборник за силни трансатлантски односи.
Во првата реакција по нејзиното назначување, Шекеринска рече дека ќе и биде привилегија да служи како заменик-генерална секретарка на НАТО под раководство на генералниот секретар и оти посветено ќе работи со сите сојузници за уште посилна и побезбедна Алијанса.
Шекеринска по преземањето на функцијата првото интервју што го даде за македонски медиум беше „360 степени“. Таа во интервјуто говореше за војната во Украина, за зголемување на за одбрана, за унапредување и засилување на воената индустрија.
Според неа, зголемените буџети за одбрана и зголеменото производство на воена опрема се со цел да се избегне војна и „да бидеме подготвени да одбиеме напад“.
Целта на НАТО, како што вели, секогаш била одбранбена, а не агресивна – да дава и да гарантира безбедност на една милијарда луѓе, а не да освојува нови територии.






