Руте: Самитот на НАТО во Хаг ќе донесе нов план за инвестиции во одбраната
Новиот план за инвестиции во одбраната ќе биде главната тема на Самитот на НАТО што кон крајот на месецов ќе се одржи во Хаг, чиј суштински аспект е поголемо инвестирање за да се задоволат потребите на зголемената побарувачка и за да се зголеми одбраното производството, најави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
– Светот станува се поопасен. Постои брутална војна на Русија против Украина, закана од тероризмот и интензивирање на глобалната конкуренција. Ќе продолжиме да ги заштитуваме нашите луѓе и нашиот начин на живот. Затоа мора да го направиме НАТО посилна, пофер и повоинствена Алијанса, изјави Руте на прес-конференцијата во пресрет утрешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Тој нагласи дека на овој министерскиот состанок ќе биде направен огромен скок напред во зајакнувањето на капацитетите за одвраќање и одбрана на НАТО со усогласување на нови амбициозни цели.
Според Руте, на средбата ќе се разговара за подготовките на Самитот во Хаг и за континуирана поддршка за Украина и итната потреба за мир, а ќе бидат донесени и клучни одлуки за подобрување на одвраќање и одбраната на Пактот.
– Овие цели ги утврдуваат силите и конкретните капацитети што сојузниците треба да ги обезбедат за да го зајакнат нашето одвраќање и одбрана. Противвоздушна и ракетна одбрана, оружја со голем дострел, логистика и големи формации за маневрирање на копно, се меѓу нашите главни приоритети, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО нагласи дека за таа цел на Алијансата и се потребни повеќе ресурси, сили и капацитети за да биде подготвена да се соочи со секоја закана и целосно да ги спроведе своите планови за колективна одбрана.
– За да ги исполниме нашите нови цели, јасно е дека ќе ни требаат значително повисоки трошоци за одбрана. Тоа е основата за се. Европските сојузници и Канада се засилија. Очекувам повеќето, ако не и сите, сојузници да ја достигнат почетната цел за трошење на два отсто од БДП за одбраната во текот на оваа година. Многумина инвестираа или имаат планови да инвестираат многу, многу повеќе, додаде Руте.
Сепак, според него, тоа не е доволно и затоа сојузниците мора да „одат подалеку и побрзо“, па затоа на состанокот ќе се разговараа за итната потреба од зголемување на трошоците за одбрана и за основните воени потреби и инвестиции поврзани со одбраната, вклучувајќи ја инфраструктурата и отпорноста.
Руте нагласи и дека е потребно армиите на земјите членки на НАТО да ги имаат критичните капацитети што им се потребни.
– Ова е добро за нашата безбедност, а патем и добро за нашите економии. Трошењето за одбрана не одржува безбедни, но исто така создава работни места низ Алијансата, додаде Руте.
Според него, на утрешниот министерски состанок ќе стане збор и за континуираната поддршка на НАТО за Украина и потребата за ставање крај на ужасната војна, а во тој контекст попладнево ќе се одржи и состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, под претседателство на Германија и Велика Британија.
– Ќе се фокусираме на континуирана поддршка за Украина, додека земјата се бори против руската агресија. Ние целосно ги поддржуваме напорите на претседателот Трамп да го запре крвопролевањето, со праведен и траен мир. Долгорочната поддршка на НАТО за Украина не е за продолжување на војната, туку за обезбедување Украина да може да се одбрани сега и да спречи каква било идна агресија, истакна Руте,
Тој најави и дека министрите за одбрана на НАТО утре ќе се сретнат со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и нивниот украински колега Рустем Умеров, кој ќе информира за најновиот развој на настаните на бојното поле и за проценките на Киев за напорите за постигнување мир.
– Се наоѓаме во клучен момент за нашата безбедност. Немојте да се залажувате, НАТО е силен денес. И ќе стане уште посилен. Силната одбрана испраќа јасна порака – никој никогаш не треба да помисли да не нападне. Конечно, нуклеарното одвраќање е камен-темелникот на безбедноста на Алијансата, потенцира Руте.
Генералниот секретар на НАТО најави дека утрешниот министерски состанок ќе заврши со редовен состанок на Групата за нуклеарно планирање, додавајќи дека фундаментална цел на нуклеарниот капацитет на Алијансата е да го зачува мирот, да спречи притисоци и да одврати агресија.