САД ја завршија осмата серија воздушни напади врз Иран, Техеран возврати со удари во Кувајт

Американските вооружени сили соопштија дека ја завршиле осмата последователна серија воздушни напади врз силите на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРЦГ), при што биле погодени извршителите на нападот во кој загинаа американски војници.
Според Централната команда на американската армија (ЦЕНТКОМ), нападите биле изведени како директен одговор на неодамнешниот удар во Јордан. Со ова дополнително ескалираше воениот конфликт околу стратешки важната Ормуска Теснина.
Американската армија потврди дека двајца војници загинале, еден се води како исчезнат, а уште четири лица биле хоспитализирани по иранскиот напад. Од почетокот на воените дејства загинаа вкупно 16 американски војници, а повеќе од 430 се повредени. Од друга страна, иранските власти претходно соопштија дека најмалку 50 лица загинале, а повеќе од 500 се повредени во американските воздушни удари по новата ескалација на тензиите во Персискиот Залив.
Нападите, кои се дел од пошироката воена кампања што трае повеќе од една седмица, започнале околу 3 часот по средноевропско време по директна наредба на американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Нападите имаат цел дополнително да ја ослабат способноста на Иран да го загрозува трговскиот поморски сообраќај низ Ормуската Теснина и брзо да ги казнат силите на ИРГЦ што ги извршија нападите врз американските војници во Јордан“, се наведува во официјалното соопштение на ЦЕНТКОМ.
По распадот на привремениот договор за прекин на огнот, Иран изврши серија напади врз американските сојузници на Блискиот Исток, додека САД гаѓаа мостови, електроенергетски објекти и други инфраструктурни цели во Иран. Во знак на одмазда, Техеран изведе напади врз електрани и врз постројки за десалинизација во Кувајт, со што сериозно го загрози секојдневниот живот во оваа држава богата со нафта.
ЦЕНТКОМ соопшти дека првпат официјално се потврдува дека ударите биле насочени конкретно против ИРГЦ – клучната воена структура која го контролира иранскиот балистички ракетен арсенал. Погодени се ирански воени објекти за крајбрежен надзор и за противвоздушна одбрана, поморски капацитети, како и складишта за ракети и за беспилотни летала. Објавените видеоснимки покажуваат дека нападите биле изведени со борбени авиони и со крстосувачки ракети „Томахавк“ лансирани од море. Една од главните цели се наоѓала во планинска долина, каде што иранските сили често распоредуваат скриени ракетни бази.
Иран сè уште нема објавено комплетен биланс на загубите од американските напади кои траат веќе осми ден, додека двете страни воено се соочуваат за контрола врз Ормуската Теснина – тесниот поморски премин кон Персискиот Залив низ кој во мирнодопски услови минува околу една петтина од светската трговија со нафта и со природен гас.
Ирански медиуми соопштија дека САД извршиле напад во близина на јужниот град Сирик, како и удари во област близу градот Шадеган, недалеку од ирачката граница. Веднаш потоа, според иранската државна телевизија, иранската армија извела координиран напад со беспилотни летала врз американски воени објекти во базата „Ал Адири“ и во воздухопловната база „Али ал Салем“ во Кувајт.
Во писмена изјава објавена преку државните медиуми, иранскиот врховен лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, оцени дека постапките на Вашингтон покажуваат оти потписот на Трамп е „целосно безвреден и неважечки“, предупредувајќи на уште потешка цена за САД. Засега нема официјална реакција од Белата куќа.






