САД до 30 септември ги повлeкуваат преостанатите свои војници од Ирак
По повеќе од две децении американско воено присуство, САД планираат до 30 септември да ги повлечат преостанатите свои војници од Ирак и да ја завршат воената мисија на меѓународната коалиција против Исламската држава во земјата.

Одлуката следува по средбата на ирачкиот премиер Али ел Заиди со адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД. По состанокот беше потврдено дека 30 септември е „фиксен и конечен датум“ за завршување на воената мисија и повлекување на силите на коалицијата.
Американски претставник потврдил дека Вашингтон очекува повлекувањето да биде завршено до наведениот рок, но не открил колку американски војници моментално се наоѓаат во Ирак ниту каде ќе бидат прераспоредени.
Според американската страна, коалициските сили заедно со ирачките партнери постигнале значителен успех во борбата против Исламската држава. По завршувањето на мисијата, главната одговорност за борбата против терористичките групи ќе ја преземат ирачките безбедносни сили, вклучително и безбедносните структури во автономниот курдски регион.
Американското повлекување од Ирак веќе е во тек. Двајца курдски функционери изјавиле дека американските војници и воената опрема почнале да се повлекуваат од Ербил пред околу три недели.
Вашингтон и Багдад во 2024 година постигнаа договор за постепено завршување на американските операции против Исламската држава. Американските сили минатата година се повлекоа од повеќето бази во Ирак, но задржаа присуство во северниот курдски регион.
Американските бази во таа област во последниот период често беа цел на напади, особено по почетокот на воениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран на 28 февруари.
Американското воено присуство во Ирак достигна врв во 2007 година, кога во земјата беа распоредени повеќе од 170.000 американски војници.






