САД споделиле со новинар строго доверлив воен план
Највисоките функционери за безбедност на САД споделиле со новинар планови за воен удар врз Јемен – операција од највисок можен степен на доверливост.
Џефри Голдберг од порталот Атлантик дури десет дена подоцна го раскажува искуството од 15 март, кога бил сведок на комуникацијата за планираниот напад врз бунтовничките хути како член на групата на Сигнал во која биле и потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на Пентагон Пит Хегсет, државниот секретар Марко Рубио, директорката за национално разузнавање Тулси Габард и директорот на ЦИА Џон Ретклиф – или, како што самиот во неверување си дозволил да претпостави, „луѓе што се претставувале за такви“.
Тие во комуникацијата детално разменувале пораки за нападот со проектили врз Јемен како дел од операцијата за деблокирање на поморскиот сообраќај, за можните последици, за односот со Европа и за ред други работи што не се ни за поширокиот круг на администрацијата, а камо ли за јавноста. Споделувањето толку чувствителни информации не само што ја загрозува операцијата, туку и животи на многу луѓе и националната безбедност на САД.
Голдберг наведува дека веројатно случајно бил вклучен во мрежата „Хути ПЦ мала група“ на платформата Сигнал преку Мајк Волц, советникот за национална безбедност.
Ако по грешка го додале мојот контакт, барем не сум некој што ги поддржува хутите, забележува Голдберг.
Неколку часа по размената на информации, американските сили ги нападнале хутите и претседателот Доналд Трамп подоцна го опиша нападот како „успешен и ефикасен“.
Трамп и Белата куќа денеска немаа одговор како е можно тајната операција да била споделена со новинар. Никој не ја оспори автентичноста на деталите што ги сподели Голдберг.
Трамп изјави дека не е запознаен со извештајот и дека не чита Атлантик.
Претседателот Трамп има апсолутна доверба во својот тим за национална безбедност, објави советникот Волц.
Хегсет го критикуваше Голдберг како „измамнички и крајно дискредитиран“ новинар.
Лидерот на републиканците во Претставничкиот дом Мајк Џонсон признава дека пропустот бил грешка, но додаде дека „врвните функционери добро си ја извршуваат работата“.
Демократите го сметаат инцидентот за национален скандал и бараат темелна истрага.
Платформата Сигнал важи за безбедна и често пати ја користат новинари и функционери во Вашингтон, но не е одобрена како канал за строго доверлива комуникација.