САД воведоа визни ограничувања за лица поврзани со интернет-измами и сексуални уцени

Соединетите Американски Држави денеска воведоа нова глобална политика на визни ограничувања насочена кон лицата одговорни за интернет-измами, кибер-криминал и сексуални уцени преку интернет, оценувајќи дека овие активности претставуваат „закана без преседан“ за американските граѓани.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во соопштение наведе дека новата политика е насочена кон лицата кои се одговорни или се соучесници во кибер-криминал и криминал извршен со користење дигитални технологии.
Тој додаде дека визните ограничувања, воведени врз основа на американскиот Закон за имиграција и државјанство, ќе се применуваат и врз членовите на нивните потесни семејства.
Рубио истакна дека онлајн-инвестициските измами, кои според него најчесто ги организираат кинески транснационални криминални организации, само во 2024 година ги оштетиле американските граѓани за најмалку 10 милијарди долари, истовремено поттикнувајќи корупција, перење пари и трговија со луѓе.
Тој изрази особена загриженост и за измамите со сексуална уцена („сексторзија“), кои од странство се насочени кон американски деца.
„Администрацијата на Трамп ги користи сите расположливи средства – санкции, кривични постапки, заплена на имот, барања за екстрадиција и меѓународна полициска соработка – за разбивање на криминалните мрежи за измами и за наметнување последици за сите што ги овозможуваат“, нагласи Рубио. ссм/






