Сага за македонската емпатија

Чинот на устоличување на македонската држава во Обединетите нации и во НАТО беше одбележен со големо величенствено славје на македонскиот народ.

По многу тормозења и лутања низ историјата Македонците најпосле се стекнаа со своја независна и од светот признаена татковина. Радоста беше глорифицирана од причина што во својот епохален долговековен сон Македонците градеа надеж дека формирањето на Републиката едноставно ќе ги ослободи робовските стеги и со тоа автоматски ќе ја активира енергијата и величината на александромакедонското, комитското, партизанското или митското наследство и традиција кај Македонците што беше потискувано низ вековите од страна на разните окупатори… Меѓутоа искуството покажа дека државотворството не е едноставен зафат, туку дека е проект кој претпоставува грандиозен потфат, кој на својот пат кон државното мора да ги избегне Сцилите и Харибдите на социјалните коридори и лавиринти. Или тоа ќе биде успешно изведенa сенародна акција или пак проектот „успешна држава” може да стане Сизифова работа/судбина. Македонската држава фактички се наоѓа на таква раскрсница. Мониторингот на збиднувањата во младата независна македонска држава детектираат многубројни предизвици во нејзиното организирање и функционирање. Од државното уредување се бара внимателно и ефикасно нивно согледување и решавање со цел Македонија да се вброи во друштвото на „оние што одлучуваат за некого, а не во друштвото на оние за кои се одлучува”. Впрочем, тоа е суштината и целта на реформите во македонското општество.

Македонското општество ги совлада главните проекти: се формира самостојна држава, која е членка на ООН и НАТО, ги постави основните темели на идејно-политичкото и државното устројство и се бори да се приклучи на Европската Унија. Меѓутоа, на патот кон ЕУ и зацврстувањето на нејзините позиции во светот, РСМ се соочува со бројни пречки кои се или од внатрешно-политички или од надворешно-политички фактори.

Врв на надворешно-политичките пречки во развојот и функционирањето на македонската држава се сигурно случувањата во врска со името на државата и стабилизацијата на нејзините надворешни позиции во меѓународната заедница. Бројни теоретичари сметаат дека ова прашање ќе потрае со што се одложува и членството на РС Македонија во ЕУ со сите негативни последици што произлегуваат од тоа. Иако македонската надворешна политика се занимава жестотко со ова прашање, сепак надворешните фактори решавањето на овој проблем го одлагаат на неопределено време.

Но, ако тоа е проблем што е надвор од исклучивата надлежност на политичките субјекти во РС Македонија, потешкотиите и проблемите во внатрешните релации и функционирање на државата се предизвикани и од внатрешните политички фактори. Бројни слогани и случувања се сведоштва за инертноста на надлежните политички субјекти во решавањето на напластените проблеми во општеството. Некои од овие сведоштва се од таква природа што претставуваат и навреда за македонскиот дух и граѓани. РС Македонија дома или во светот слови како „разнишана демократија”, „валкана држава (dirty state)”, „држава со недефиниран хибриден политички систем”, нејзиниот политички систем е потполно нефункционален со руинирани институции и наликува на „швајцарско сирење”, нејзината „еколошка слика” е иста како онаа на најзагадените држави (пример, Бангладеш или Нигерија); „демографската состојба” заради големите миграции кон Запад, (особено на младите луѓе) прави „државата да наликува на територија”; некои ја нарекуваат „заробена држава” или „длабоко поделено општество” или „длабоко затруено општество”, „најсиромашна земја на Балканот“, „земја со недозреани човекови права” и слично.

Позади секој од овие слогани, според нивните автори (надворешни или внатрешни), се посочуваат како факти бројни ситуации и состојби кои го нагризуваат тешко стекнатото реноме на републиката на меѓународен план, но и создаваат потреси и неизвесности во самата неа, па и немир и страв кај нејзините граѓани. Таму е изворот на тезите за наводните делби, неизвесност и нестабилност на младата балканска држава. Политичките елити имаат историска задача и одговорност за надминувањето на овие препреки и негативи. После долгото ропство, но и вооружените востанија Македонците заедно со своите сожители и сојузници успејаа да се изборат за своја држава и да станат дел од цивилизираниот свет. Големата цел сега не е таа само да се зачува, туку таа да се развива и непредува, македонските граѓани да живеат според во светот воспоставениот вредносен систем и стандарди на живот. Тоа налага сериозен и ефикасен ангажман на кадрите кои се вклучени во политичкото дејствување и употреба на сите инструменти и механизми кои се нужни за нормално функционирање на државните органи, но ослободени од разните деструктивни дејанија и идеи кои се кочница за чесно активирање и делотворно функционирање на избраниците на народот.

Покрај добропознатите механизми на државата, постои еден елемент во политичката култура на РСМ кој има голема улога во обезбедувањето на стабилноста на општеството и негово нормално функционирање согласно принципите и барањата на современата политика. Тоа е тнр. емпатија која е подеднакво значајна за плодоносните општествени односи меѓу индивидуите, меѓу колективитетите и на нивото на целото општество. Меѓу жителите на Карипските острови, според научните истражувања, тој феномен се нарекува terikumwe и означува заедништво, заедничко живеење, сите заедно, сите со сите и за сите. Тоа е чувство кое се негува меѓу луѓето и придонесува за хармонични односи меѓу заедниците кои се распослани по островите. Емпатијата е повеќе од компромисот и солидарноста, повеќе од еклектичкото/механичкото единство на популацијата на една територија, тоа е чувство кое ги упатува луѓето да се сметаат блиски едни со други без разлика на која заедница припаѓаат. Во идеална смисла, емпатијата би требало да биде во толкава количина во која е бројноста на популацијата. За жал, стои впечатокот дека во македонскиот случај емпатијата (како terikumwe-то кај карипските народи) не е масовна одлика на луѓето од нашата земја. Нејзиното место почесто е заменето со негативни чувства од типот на омраза, непочит, завист, злоба и други деструктивни чувства и чинови кои се на штета на однесуваето на припадниците на македонскиот ентитет. Нивното заменување со чувството за емпатија (како terikumwe-то кај карипските народи) е налик на „божји налог“ за сите социјализаторски чинители, а, пред се, за припадниците на политичките елити.

Проф. Д-р Ѓорѓи Тоновски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close