Самит на ПСЈИЕ: Премостување на поделбите

Дали Грција и Бугарија на маргините на Самитот ќе упатат нови пораки до Северна Македонија? Пишува Катерина Блажевска

Денешниот самит на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот кои се одржуваат во Скопје, ќе ги донесе во Северна Македонија претставниците на 13 земји учесници во Процесот, претставници на Европската Унија и Регионалниот совет за соработка (РСС). Средбата е завршна активност во рамки на македонското претседавање со Процесот под мотото „Премостување на поделбите, градење доверба“.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како форум за регионална соработка е основан во 1996 година и ги вклучува сите 13 учесници од Југоисточна Европа со цел изнаоѓање на решение за регионалните прашања, јакнење на добрососедските односи, промовирање на дијалог и соработка и поттикнување на европската и евроатлантската интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Во таа насока, главните цели на ПСЈИЕ се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.

Договорот од Преспа

Во контекст на овие прашања, најголемо внимание предизвикува пристигнувањето на грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, пред сѐ, поради критиките од Атина за непочитување на  Договорот од Преспа  во РСМ. Герапетритис ќе ја води делегацијата на Грција на средбата на врвот, а со него ќе пристигне и заменик- министерката за надворешни работи, Александра Пападопулу. Таа во Скопје ќе остане подолго од Герапетритис, што се потврдува и од најавата на веб – страницата на Собранието, каде за утре (14-ти јуни) е најавена средба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, со Пападополу и со грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду.

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, ќе ја води делегацијата на Грција на средбата на врвотФотографија: Giannis Panagopoulos/Imago Images

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во својство на Претседавач со ПСЈИЕ ќе биде домаќин на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот, вчера најави дека ќе има билатерална средба со Пападопулу. На средбата, како што рече, ќе разговараат за сите прашања од билатерален интерес. На вчерашната прес-конференција во пресрет на самитот, Османи потенцираше дека  Преспанскиот договор е повеќе од договор за името – тој е договор за стратешка соработка меѓу двете земји.

Грчки аналитичари, повикувајќи се на извори од грчкото МНР, посочуваат дека на маргините на самитот може да биде поставена темата за исполнување на Преспанскиот договор. Еден ден претходно, поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во заедничка колумна ги повикаа Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење дека  почитувањето на Преспанскиот договор  е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација. Во неа потенцираа и дека „на сите земји во регионот мора да им биде јасно дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот и нивните раководства, и дека жртвите се наградуваат, а не се цинично игнорирани“.

Поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас
Поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во заедничка колумна повикаа на почитување на Преспанскиот договорФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

„Бугарската позиција нема да се промени“

Дали порака на самитот ќе дојде и од источната сосетка? Заменик-министерот за надворешни работи, Иван Кондов, кој ќе ја претставува Бугарија на самиот на ПСЈИЕ, синоќа во Скопје се сретнал со претставници на бугарската заедница во РСМ, oбјави БТА.

„Бугарија го постави повторно Западен Балкан на мапата на ЕУ во 2016 година, посочувајќи дека тој е дел од Европа и неговиот пат е кон ЕУ. Потпишавме Договор за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија и бевме оптимисти дека интеграциските и добрососедските односи ќе продолжат, но се соочивме со поинаква реалност. По долги преговори и со разбирање на Франција како претседавач на ЕС во 2022 година, се стигна до европската преговарачка рамка за Република Северна Македонија, со која Бугарите требаше да бидат впишани во Уставот на земјата. За жал, досега тоа не се случи. Бугарската позиција нема да се промени и  Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски и потпишаните договори. Нема како да продолжиме напред, ако вие не бидете третирани како сите граѓани во ЕУ, кои имаат еднакви права“, нагласил Кондов на средбата.

Според него, невозможен е условот за реципроцитет, кој дел од политичарите во РСМ го поставиле за  впишување на Бугарите во Уставот,  поради различната уставна структура на двете земји.

„Пред изборите во Република Северна Македонија, бугарската влада усвои внимателна и деликатна позиција. Верувам, дека кога ќе се најде вистинската реторика, не може а да не се најде начин за да се оди напред. Се надевам дека разумот ќе надвладее и европската политика ќе биде препознаена како важна за Северна Македонија“, изјавил Кондов пред претставници на бугарската заедница, на средба на која учествувале и бугарскиот амбасадор во РСМ Ангел Ангелов и Генералниот конзул во Битола, Николај Димитров.

Заедничка прес-конференција

Дали и колку од овие забелешки на Грција и Бугарија ќе бидат споделени на самитот или на маргините, ќе се знае по неговото завршување. Во рамки на самитот е предвиден пленарен состанок на шефовите на делегациите по што ќе следува заедничка прес-конференција на актуелниот, претходниот и идниот претседавач со ПСЈИЕ. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова која е домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во ПСЈИЕ, ќе има прес-конференција со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, највена за 18 часот.

На Самитот ќе учествуваат претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, министерите за надворешни работи на Србија и Турција, Марко Ѓуриќ, и Хакан Фидан, државниот секретар на МНР на Молдавија, Сергеј Михов, државната секретарка на МНР на Романија, Даниела Гитман, амбасадорите на Словенија и Хрватска, заменик управниот директор во Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Марко Маковец, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу и претставничката од Европската Комисија, Ана Везироглу.

 

Back to top button
Close