Само четири нови случаи со Ковид-19 денеска во Косово

Во Косово последниве денови видно е намалена бројката на новозаразени од Ковид-19, а и покрај многу помалиот број на тестирани очигледен е падот и на процентот заболени од оние кои се подвргнуваат на тестот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според официјалните податоци на косовските здравствени власти, од 102 тестирани лица во последното деноноќие се регистрирани 4 нови случаи, а едноцифрена беше бројката на новозаболени и претходниот ден, в недела, кога од 131 тест позитивни на коронавирусот резултираа 6 лица. Така, од над 30 до 35 отсто заболени пред дваесетина дена, процентот на позитивни од вкупниот број на тестирани вчера и денеска опадна на 4,5 односно четири отсто.

Последните седум дена не е забележан ниеден смртен случај како последица на пандемијата, а бројката на активни заболени, која пред помалку од еден месец се искачи на над три илјади, денеска изнесува 196 и бележи постојан тренд на намалување, со оглед дека секојдневно има повеќе излекувани одошто новозаболени од Ковид-19.

Back to top button
Close