Само тројца на планетава патуваат без пасош

Во светот има вкупно три лица на кои не им треба пасош за да отпатуваат до кое било место на нашава планета.

Станува збор за кралот Чарлс Трети од Обединетото Кралство, Нарухито – царот на Јапонија и неговата сопруга – царицата Масако. Пред кралот Чарлс, таа привилегија ја имаше и Елизабета Втора, која Чарлс ја наследи на престолот откако најдолговечната британска кралица почина на 8 септември 2022 година.

Значи, овој исклучок важи само за кралот (или кралицата) на Обединетото Кралство, а не и за другите членови на британското кралско семејство. Дури и кралицата-сопруга Камила е обврзана да носи дипломатски пасош со себе.

Што се однесува до Јапонија, во 1971 година тамошните власти издале документ во којшто се наведува дека е крајно несоодветно да се издава пасош за царот или царицата, или пак за нив да важат правилата за патувања и виза како за обичен граѓанин. Оваа привилегија важи само за царот и царицата.

Кога ќе пристигнат во која било земја, од царот и царицата на Јапонија се бара само да покажат документ од тамошното министерство, коешто однапред ја известува земјата-домаќин за нивното пристигнување. За кралот Чарлс, оваа должност му е доделена на неговиот личен секретар, во случајов – сер Клајв Алдертон.

Back to top button
Close