Санчез ќе се сретне со каталонскиот премиер

Шпанскиот премиер Педро Санчез ќе оствари средба со каталонскиот премиер Пере Арагонес, објавено е денеска откако девет сепаратистички лидери беа ослободени од затвор, помилувани од Мадрид по нивниот неуспешен обид за прогласување независност на Каталонија во 2017 година.

Санчез ќе се состане со каталонскиот премиер Пере Арагонес во Мадрид на 29 јуни.

Ослободувањето на сепаратистичките лидери на местото на настанот го поздравија активисти за независност на Каталонија, носејќи транспарент на кој пишуваше „Слобода за Каталонија“. Меѓу нив беше и Ориол Жункерас, поранешен вицепремиер на каталонската влада предводена од Карлес Пуџдемонт, кој доби најстрога казна од 13 години затвор.

– Ќе продолжиме да работиме до денот на победата со сите во оваа земја, не исклучувајќи никого, за да го оствариме сонот за каталонска република. Да живее слободната Каталонија!, истакна Жункерас од говорницата.

Врховниот суд одобри ослободување на девет каталонски политичари и активисти откако Владата донесе решение за помилување.

Девет каталонски лидери беа осудени во 2019 година на затворска казна меѓу девет и 13 години поради бунт и злоупотреба на јавни средства при организацијата на референдумот за независност на Каталонија од Шпанија.

Помилувањата се условни и забраната за вршење јавни функции за овие каталонски лидери останува во сила.

Back to top button
Close