СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање политички поени, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од најголемата опозициска партија побараа одговорност за случајот со починатите мајка и ќерка по пад од балкон, и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стриктно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско Езеро и многу други, се случаи за кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на сè како да имаат амнезија. Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени“,порачаа од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека, за разлика од порано, разликата сега била во тоа што сега работите се кажувале гласно и транспарентно, а виновниците имале имиња и презимиња.
СДСМ денеска преку соопштение побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради, како што велат од партијата, системските пропусти кои не успеале да ја превенираат трагедијата во скопски Карпош, каде што 31-годишна жена и нејзиното шестгодишно дете паднаа од балкон






