СДСМ со документи: Дали има нов скандал во министерството на Андоновски – тендер добиле родители на негов вработен?
Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, денес на прес-конференција објави сомнеж за нов скандал поврзан со Министерството за дигитална трансформација, раководено од министерот Стефан Андоновски.
„Дали сме сведоци на нов скандал во министерството на Андоновски? Според информациите добиени од свиркачи, тендер во висина од 600.000 денари за набавка на систем за контрола на пристап добила фирмата ‘БОКИ СИМПЛ ТЕК СОЛУШНС’ ДОО Скопје, чии сопственици, наводно, се родителите на Борче Младеновски, кој е вработен во ИТ секторот на истото министерство,“ изјави Илиевски.
Дополнително, тој посочи дека индикативен е контакт мејлот приложен во тендерската документација, borce002@gmail.com, што дополнително укажува на сомнеж за поврзаност со вработениот во министерството.
Илиевски побара од министерот Андоновски да одговори на овие наводи и да ја разјасни ситуацијата во јавноста. Тој истакна дека институциите мора да реагираат на оваа информација, додавајќи дека ова не е прв случај на сомнежи за непотизам и судир на интереси во ова министерство.
„Институциите не смеат да молчат пред овие индиции за тендерски мрежи и злоупотреби од страна на власта. Граѓаните заслужуваат вистина и одговорност, особено кога се во прашање нивните пари,” нагласи Илиевски.
Потпретседателот на СДСМ исто така го критикуваше министерот Андоновски поради неговото барање за извинување од СДСМ, направено на денот на погребот на жртвите од трагедијата во Кочани, потенцирајќи дека тоа покажува „недостиг на морална одговорност и сочувство од страна на министерот“.
„Правдата мора да биде еднаква за сите, а институциите мора да бидат транспарентни и одговорни пред граѓаните,“ заврши Илиевски