СДСМ: Дали Лефков бил на платен список кај еден од сопствениците на „Пулс“?

Додека Македонија гори, прва во Европа по изгорена територија Миле Лефков и ВМРО-ДПМНЕ лажат, манипулираат и спинуваат за да ја покријат својата непособност. Човекот кој месеци молчеше и се криеше од сопствените сограѓани во Кочани, сега повторно излегува да сее лаги, да манипулира и да спинува, обвинија денеска од СДСМ. Партијата замерува што Лефков го снема по трагедијата во дискотеката „Пулс” и прашуваат зошто е тоа така.
-Дали затоа што бил чест гостин? Дали си правел прослави, забави, а не плаќал? Или како што јавно се зборува затоа што наводно бил на платен список кај еден од сопствениците? Како член на локалниот Совет за превенција во Кочани, Миле Лефков знаел што се случува во дискотеката во Пулс. Ама молчел. Нека излезе пред граѓаните и нека каже зошто молчел и кого штител, порачува претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски.
Според него, Лефков не донирал пари за настраданите во Кочани и јавно тврдеше дека со Законот за помош на семејствата се „рушел правниот поредок”.
-И сега, истиот тој Лефков, лажно обвинува од прес-сала, покажува монтирани фотографии и се надева дека граѓаните забораваат. Наместо да се крие зад фабрикувани лаги на партиски прес-конференции, Миле Лефков нека излезе пред граѓаните и нека одговори. Нека се соочи со вистината. Ова не се прашања на СДСМ. Ова се прашања на народот. Прашања на совеста, додава Стојчевски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека самиот екс-премиер Зоран Заев признал дека потпалувачот на пожари бил шофер кај него во општината. Лефков побара СДСМ да се извини и огради од Заев.
– Заев во изјава за еден пишан медиум кажа: ,,Александар Николов во тоа време, колку што се сеќавам, работеше на портирницата во општината и беше возач на општинско возило”. Лицето А.Н. кое било шофер кај Заев е потпалувач на пожар, кое е уапсено од полицијата. Кој може да верува дека шоферот на Заев потпалувал пожар на своја рака, без нечија насока, прашува Лефков.