СДСМ: Дали Сиљановска подготвува сценарио за спас и помилување на Груевски?

Опозициската СДСМ преку соопштение до јавноста упати сериозни прашања до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, сомневајќи се во нејзината улога во нови сценарија за заштита на Никола Груевски. Од партијата ја поврзуваат нејзината посета на Турција со информациите дека Груевски бара нови канали за азил, откако во Унгарија дојде до политички промени и најави од Петер Маѓар дека земјата повеќе нема да биде засолниште за криминалци.

​СДСМ обвинува дека додека земји како Полска веднаш побарале екстрадиција на своите граѓани од Унгарија, владата на Христијан Мицкоски намерно тактизира и не поднесува барање за враќање на Груевски. Според социјалдемократите, постои оправдан страв дека Сиљановска-Давкова може да ги искористи своите извршни надлежности за аболиција, по моделот на претходникот Ѓорге Иванов, доколку Груевски не успее да обезбеди престој во друга земја.

Партијата бара одговори за тоа дали се водат тајни разговори зад очите на јавноста и дали претседателката се користи како инструмент за спасување на Груевски од правдата. Тие потенцираат дека нејзините активности мора да бидат во интерес на владеењето на правото, а не во функција на партиски и поединечни интереси.

​„Граѓаните не смеат да бидат сведоци на нов обид за политичко спасување на Никола Груевски“, порачуваат од СДСМ, нагласувајќи дека јавноста очекува целосна транспарентност за секој чекор на претседателката и владата во однос на овој случај.

Back to top button
Close