СДСМ: Дефицит од 900 милиони евра – Мицкоски ја распродава Македонија затоа што нема економски резултати
СДСМ преку соопштение обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски се соочува со сериозни економски проблеми, посочувајќи дека буџетскиот дефицит годинава ќе надмине 900 милиони евра, односно пет проценти од БДП.

Од партијата велат дека приходите во буџетот потфрлаат, додека, како што наведуваат, планираниот дефицит веќе е потрошен. СДСМ тврди дека состојбата со буџетот е „катастрофална“ и најавува дека новото задолжување би следувало преку нов ребаланс на буџетот, само два месеца по последниот.
„Според официјалните податоци на Министерството за финансии, буџетскиот дефицит оваа година ќе надмине 900 милиони евра, односно 5 проценти од БДП“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата дополнително посочуваат на, како што тврдат, недостигот на инвестиции, наведувајќи дека во вториот квартал од 2026 година тие изнесувале 18 милиони евра. СДСМ тврди и дека долговите се зголемиле за четири милијарди евра, а дека дупката во ПИОМ достигнува една милијарда евра.
Од СДСМ ја критикуваат и политиката кон природните ресурси, тврдејќи дека Владата, во услови на недостиг на економски резултати и инвестиции, се насочува кон „распродажба“ на националните богатства, меѓу кои водата, рудата и земјиштето.
„Струјата за туѓи профити, рудата за туѓата воена индустрија, ризикот и сметката за граѓаните“, велат од СДСМ, додавајќи дека тоа, според нив, не претставува економска стратегија.
Од партијата оценуваат дека граѓаните ја плаќаат цената за економските политики на Владата и упатуваат критики до премиерот Христијан Мицкоски поради состојбата со буџетот, инвестициите и задолжувањето.






