СДСМ до Филков: Цела година бараме да ни се достават реформските закони, а власта ги крие
Министерот Игор Филков повторно се обидува да ја префрли вината на СДСМ за сопствената неспособност и блокада на реформите – коментираат од Социјалдемократски сојуз откако претходно денеска министерот за правда обвини дека поради отсуство на опозициската партија се одложила денешната седница на работната група за реформи во изборното законодавство.

Од СДСМ прашуваат како е можно нивното прво отсуство од седницата на работната група да променило сè, за на нив да се префрла вината дека ги блокираат реформите.
„СДСМ уште од мај 2025 година јавно го прашува Министерството за правда и министерот Филков каде се реформските закони. Зошто ги нема на ЕНЕР? Зошто ги криете од јавноста и од Собранието? Наместо да ги подготви и да ги достави законите, Филков и ВМРО-ОКГ цела година молчат, одложуваат и сега, по само едно неучество на работна група, одеднаш СДСМ е виновен за сè“,коментираат од партијата на Венко Филипче.
Опозиционерите обвинија дека 10 милиони евра од Европската Унија наменети за правосудни реформи се загрозени од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, според нив, власта е таа што ги блокира реформите.
Претходно денеска, министерот за правда Игор Филков обвини дека СДСМ свесно ги блокира реформите во изборното законодавство и дека со нивното неучество во работната група директно се загрозуваат 4 281 623 евра.






