СДСМ: Мицкоски не ги користи само кампањите на Ванчо Михајлов, туку и неговите методи на владеење
СДСМ повторно го споредува начинот на кој Христијан Мицкоски го води ВМРО-ДПМНЕ со периодот во кој Ванчо Михајлов бил на чело на историското ВМРО, овојпат посочувајќи дека паралелата не е само во политичката реторика, туку и во концентрацијата на моќта во рацете на еден лидер.
Од партијата потсетуваат дека Михајлов и неговото крило на ВМРО политичките противници ги означувале како „предавници“ и „одроденици“, оценувајќи дека сличен модел денес користи и Мицкоски со етикетите „предавници“ и „талог“.

Но, според СДСМ, многу посериозна е паралелата во начинот на организација и управување со партијата.
„По убиството на неговиот политички ривал Александар Протогеров во 1928 година, извршено по наредба на Михајлов, тој практично останал единствениот доминантен лидер на ВМРО. Целата моќ се концентрирала во еден човек. Денес Мицкоски го прави истиот чекор – само со други средства“, се наведува во соопштението.
СДСМ тврди дека укинувањето на потпретседателските места во ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја концентрира партиската моќ кај Мицкоски и ја намалува можноста за внатрешна контрола и рамнотежа.
Според опозициската партија, општинските комитети на тој начин се претвораат во „фан-клубови“, додека во партијата останува само еден центар на одлучување.
„Нема потпретседатели, нема раководство. Нема внатрешна контрола. Нема механизми што би го ограничиле лидерот. Има само еден центар на одлучување – Мицкоски“, обвинува СДСМ.
Од партијата оценуваат дека кампањата со терминот „талог“ е дел од политичка реторика која сè помалку поминува кај граѓаните, додека промените во партиската структура ги гледаат како обид за целосно преземање на контролата врз ВМРО-ДПМНЕ.
„Кампањата ‘талог’ е реторика и пропаганда. Укинувањето на потпретседателите и целосното преземање на партијата е метод. И двете ги препознаваме од истото историско сценарио“, велат од СДСМ.
На крајот, партијата упатува прашање до членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ дали, како што велат, „ќе дозволат целосна ванчоизација на ВМРО“






