СДСМ по локалните можно е да исчезнат – Мицкоски оди чекор напред во неговиот пи-ар
Поради едноцифрениот рејтинг кој сега го има најголемата опозициска партија, постои сериозна опасност таа да престане да постои по локалните избори што треба да се одржат во октомври, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Гледате дека градиме, се бориме низ цел свет, Венко Филипче со една изјава вика јас се прифаќам, се што ќе ми ставите на маса дајте да потпишам, само вратете ме на власт да бидам премиер. Тоа не е конструктивност, тоа е рушење и затоа имаат едноцифрен рејтинг и мислам дека по локалните избори постои серозна опасност дали таа политичка партија ќе продолжи да постои“, рече Мицкоски кој присуствуваше на отворање на комплексот „Македонско село“.
Во врска со изјавите дека Филипче по примерот на Зоран Заев, кодоши и ги поткопува државните интереси, Мицкоски истакна дека смета оти не треба подетално да навлегува во анализа каде го забележува предавничкиот, поданички и кодошки однос.
„Мислам дека јавноста тоа го гледа јасно, не би одел чекор повеќе, тоа е позната стратегегија на СДСМ, тие мислат дека на таков начин повторно ќе добијат шанса да ја водат владата, но мислам дека прават стратешка погрешна комуникација, но тоа е нивна работа, нема да навлегувам во сето тоа, а што се однесува до неговите изјави за автократија во политката кога испраќате порака, ако таа порака не ја чувствуваат мнозинството граѓани тогаш таа порака за бадијала ја испраќате. Јас досега такво нешто немам ниту слушнато, ниту почувствувано, ниту имам намера така да се однесувам“, нагласи Мицкоски.