СДСМ: Власта ги постави своите судии и почнаа со репресијата

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение упати критики до актуелната власт обвинувајќи ја за директна репресија врз партиски функционери преку „нарачани судски пресуди“.
Од СДСМ велат дека коалицијата ВМРО-ЗНАМ ја активирала последната фаза од својата кампања, која според нив вклучува политички прогон. Како доказ за ова, партијата посочува дека денеска е осуден Филип Андонов, поранешен директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари и член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Ги поставија своите судии и обвинители и тргнаа. Нема повеќе независно судство ниту независно обвинителство. Сè ставија во своите канџи“,
се вели во партиското соопштение.
Опозицијата обвинува дека додека институциите експресно носат пресуди против нивни членови, истовремено ги игнорираат пријавите за криминал и корупција кои СДСМ ги објавува.
„По носењето Декрет и забраната за слобода на говор со предавничката Резолуција гледаме нарачани судски пресуди и законски казни за функционерите на СДСМ“,
додаваат од партијата.
Од партијата тврдат дека додека трае „политичкиот прогон“, функционерите на ВМРО и ЗНАМ се богатат преку „криминални тендери“.
Од СДСМ порачуваат дека ваквите притисоци нема да ја запрат нивната борба против власта, но и против оние кои, како што велат, „одвнатре ја подриваат партијата“.
„Никој нема да нѐ запре. Сите ќе одговарате! Работата не е завршена“,
се додава во соопштението.





