Се доработува повлечениот предлог-закон за средно образование, членот за интонирање на химната може и да се изостави, вели Јаневска
Предлог-законот за средно образование во моментов се доработува, рече на денешната прес-конференција министерката за образование Весна Јаневска и очекува до крајот на месецот тој да биде готов и повторно да се врати во собраниска процедура.
„Го доработуваме тој закон. Секогаш може подобро. Имаме неколку членови што сметаме дека треба да ги доработиме. Очекувам законот да биде готов меѓу 20. и 25. овој месец, и тогаш ќе го вратиме во Собрание“,рече таа.
Посочи дека разговараат со коалициските партнери поради одредбата за интонирање на државната химна во училиштата, поради што овој предлог-закон беше повлечен од собраниската процедура.
Додаде дека како одговорен министер и како одговорна Влада нема да дозволат политиката да ги запре процесите во образованието.
„Сметам дека не е голема греда тој член и да се изостави, особено зашто во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат. Се надевам дека во некои идни времиња сите ќе се почувствуваме како граѓани на една единствена држава. И сите ќе ги почитуваме симболите на нашта заедничка држава. И дека тоа нема да биде проблем“вели Јаневска.
Минатата недела Јаневска рече дека целта на предлог-законот за средно образование не била да се прават меѓуетнички тензии, но дека партијата ДУИ тоа го искористила на најнесоодветен начин за да ги вметне политичките и етничките проблематики во закон за образование.
„Законот ќе биде вратен и без таа одредба ако тоа биде неопходно. Но, сепак, треба да поразговараме уште малку“кажа министерката.
Ако е неопходно, ќе биде вратен без одредбата за интонирање на државната химна во училиштата, вели Јаневска за повлечениот предлог-закон за средно образование
Предлог-законот за средно образование ја помина фазата во прво читање, но на комисиска расправа за втората фаза беше повлечен од Собранието поради амандманите од ДУИ нивното противење на една од одредбите со која сее предвидува интонирање на државната химна во училиштата. Тогаш, ресорното министерството го повлече овој предлог-закон, како негов предлагач, со образложение да не се внесува политика во образованието.
На крајот на годината во Собранието беа донесени останатите пакет закони во образованието, како Законот за стручно образование и обука, за учебници во основното и во средното образование, за образование на возрасните и Законот на националната рамка на квалификации.