„Се нарушуваат угледот и реномето на компанијата“-„Пуцко петрол“ вели дека не увезувала мазут

 

Компанијата реагира на пишувањата на медиумите кои ја поврзуваат со спорни набавки на мазут, појаснувајќи дека таа никогаш не го увезувала тој енергенс во земјава

Компанијата „Пуцко петрол“ попладнево испрати соопштение во кое „категорично отфрла каква било вмешаност со набавката на мазут“. Од компанијата велат дека нејзиното име „непотребно се споменува во целиот случај“ со спорната набавка на мазут за државни потреби, која е предмет на истрагата во чии рамки е осомничен и сопственикот на „Пуцко петрол“,

Тие ги отфрлаат наводите во дел од медиумите со кои се претставува „Пуцко петрол“ како увозник на мазут и добавувач на мазут на ЕСМ, што компанијата „категорично го демантира“.

„Нападот врз „Пуцко петрол“ го сметаме за тенденциозен обид за нарушување на угледот на компанијата и семејството. Категорично отфрламе било каква вмешаност со набавката на мазут и достава на истиот до ЕСМ. Никогаш не сме увезуале мазут и доставувале до ЕСМ. Низ годините сме докажана нафтена компанија, која соработувала со илјадници приватни и државни институции, реализирајќи ги нивните барања во целост, согласно законот, при што во моментот долгот на јавните установи спрема „Пуцко петрол“ надминува една милијарда денари.

„Пуцко петрол“ не е дел од никаква постапка за мазут, која се води за „РКМ“, нагласуваат од компанијата, објаснувајќи дека тој дел од постапката е поврзан со компанијата на Ратко Капушевски, „РКМ“.

„Ги молиме медиумите да пласираат точни и проверени информации, затоа што со овие дезинформации се нарушува угледот и реномето на компанијата, со што се прават и досега се веќе направени штети од големи размери и се прави искривување на вистината и фактичката состојба“, велат од компанијата.

 

Back to top button
Close