Се очекува Касами да го врати пратеничкиот мандат, заедно со Таравари ќе продолжат да ги водат Тетово и Гостивар

Додека се очекува ВЛЕН да биде дел од Владата, Арбен Таравари од оваа коалиција не претендира да заземе министерска функција. Вели дека ќе продолжи да води со општина Гостивар.

„Немаме план, не сме ни разговарале. Четири години го добив мандатот од гостиварци, би било некоректно да се повлечам и да се одржат избори повторно наесен и повторно следната есен. Ова е заморно и за граѓанинот и за политичките партии. Не велам дека имам дефинитивна одлука, ќе седнеме да размислиме и да видиме како ќе биде стратегијата, но во принцип мислам дека ќе продолжам како градоначалник. Имаме полни кадри кои можат подобро од мене да водат одредени ресори“, рече Таравари.

Во меѓувреме се очекува и Билал Касами да му го врачи мандатот на заменикот за да продолжи како градоначалник на општина Тетово.

„Во однос на моето решение, самите тетовци покажаа дека во Тетово ме чекаат многу работни места, кои се отворени и кои мора да продолжат и ќе мора одговорно да продолжат. Целата оваа битка не беше индивидуална, туку беше битка за Албанците да ви го вратат достоинството“, рече Касами.

Се уште не се знае дали другите лидери на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити и Африм Гаши, ќе го предадат мандатот да раководат со некое министерство, доколку ВЛЕН стане дел од новата Влада.

(Во Центар)

Back to top button
Close