Сè помалку рудари, сè повеќе плата – но без инвестиции нема кој да ги пополни новите работни места
Македонија го одбележува Денот на рударите со загрижувачки податоци за состојбата во секторот. Во земјата има сè помалку луѓе кои работат во рудниците, а истовремено нема доволно нови инвестиции кои би отвориле дополнителни работни места.
Според Државниот завод за статистика, бројот на работниците во индустријата во јуни 2026 година се намалил за 2,3% на годишно ниво. Во рударството падот е драстично поголем.
Тоа значи дека за само една година бројот на работници во секторот е значително намален, во период кога глобалната побарувачка за минерални суровини расте.
Дополнителен парадокс е што рударството станува една од подобро платените индустрии. Вработените во секторот во просек сега заработуваат над 1.000 евра месечно.
Сепак, без отворање нови рудници и реализација на нови инвестиции, позитивниот тренд кај платите не може да го запре долгорочното намалување на бројот на работници.
Проектот „Иловица–Штука“ е меѓу инвестициите кои би можеле да донесат нови работни места и да создадат нова генерација на вработени во рударството и поврзаните индустрии. Но, и оваа инвестиција сè уште не е реализирана.
Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ која стои зад инвестицијата во Иловица, најави 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, со предност за локалното население, додека пак проценките се дека ќе се отворат 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот. Овие индиректни вработувања се очекуваат преку соработката на компанијата со локалните добавувачи и изведувачи, а тука се опфатени услугите за снабдување со храна, транспорт, сместување… Овие дополнителни активности се предвидува дека засилено ќе го активираат локаното население и многу локални фирми ќе имаат придобивки како резултат на повисокиот животен стандард.
Универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова, во гостување на Канал 5 ТВ, нагласи дека рудниците се проекти кои имаат додадена вредност и треба да се отворат ако се исполнети сите неопходни критериуми и стандарди.
„Тоа се скапи објекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери итн. Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава“, истакна Лепиткова.
Сепак, додека нема нови инвестиции се помал е и интересот кај младите да ги изучуваат овие струки. Претседателот на Здружението на металурзи и професор, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ, сподели поразителни бројки за новозапишани студенти, додавајќи дека ваквиот вид на образование и е потребен на државата.
„Интересот за оваа професија е многу мал. Сега во моментов бараме и поддршка и од државата, затоа што многу мал број на студенти се запишаа на Технолошко-металуршкиот факултет. И покрај тоа што имаме многу добра соработка со индустријата, којашто дава стипендии за сите што ќе се запишат на металургија, бројот останува многу мал. Последната година беа шест, од кои само тројца продолжија во втора година. Нема интерес“, заклучи Начевски.
Инаку, во 2022 година имало 6678 работници во рударството, а бројката паднала на 4.364 во 2025 година. Негативниот тренд се забележува и во секој месец од 2026 година.






